Цигарите поскапуваат од 1 јули?
Од 1 јули во Македонија започнува да се применува новиот десетгодишен календар, кој предвидува етапно зголемување на акцизите за цигарите. Производителите велат дека неизбежно, со зголемување на акцизата, ќе растат и малопродажните цени.
Ова го потврдува и хрватскиот производител на цигари ТДР Ровињ.
„Данокот и акцизата со 75 проценти учествуваат во структурата на малопродажната цена на цигарите и затоа може да се очекува да се зголемат цените на цигарите. Сепак, акцизите не се единствен фактор во формирањето на цените. Голема улога има и конкуренцијата, која е силна на македонскиот тутунски пазар“, вели претседателот на Управата на ТДР, Мато Задро
Сепак, според него, за разлика од другите земји од регионот, македонскиот пазар на цигари е стабилен, на што најмногу влијае фактот дека „земјата води разумна даночна политика и во изминатите седум години немаше пораст на акцизите“.
„Таквата стабилност значително придонесува за стабилноста на тутунската индустрија во Македонија“, изјави Задро.
Во последните три години, продажбата на цигари на македонскиот пазар само од оваа хрватска фабрика расте со просечна годишна стапка од 16 проценти, со што во буџетот на Македонија по основ на акцизи и даноци се слеале 16,3 милиони евра.
Македонија засега е земја со ниско даночно и акцизно оптоварување на прометот на цигари, два пати пониско од просекот на Европската унија. Минималното оптоварување во Македонија сега е 26,8 евра на илјада парчиња цигари, а во Унијата 77 евра.
Слично
