Чоловиќ Лешоска: Енергетската иднина на Македонија се обновливите извори на енергија, а не фосилните горива, вклучително и природниот гас
Изградбата на гасоводот ќе беше прифатливо решение за aерозагадувањето пред четириесетина години, но денес овој проект „не враќа во минатото“ и води до „тапкање во место“ наместо прогрес кон предвидените цели, односно декарбонизацијата што е предвидена до 2050 година, истакна извршната директорка на Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, Ана Чоловиќ Лешоска.
Таа, во интервјуто зборуваше за употребата на природниот гас во нашата држава, небулозите кои се создадени за него, средствата кои ќе треба да ги одвои државата за изградба на гасоводите, како и алтернативите кои треба да ја претставуваат нашата зелена иднина, како од еколошки, така и од економски причини.
Чоловиќ Лешоска поентираше дека средствата кои се планирани за изградба на гасификацијата проценети на над 1 милијарда евра, можат да се пренаменат за инсталации кои работат на обновливи извори на енергија, како и за енергетски ефикасни домови.
Таа нагласи дека постојат повеќе економски причини поради кои употребата на природен гас во домаќинствата не е атрактивна, како што се нестабилната цена на гасот, цената за приклучокот и цената за користење на истиот.
Осврнувајќи се на еколошкиот аспект, таа потенцираше дека состојбата со загадувањето на воздухот е алармантна и дека за да се реши тоа прашање, потребно е целосно исфрлање на фосилните горива од употреба, вклучително и природниот гас и целосен премин кон користење на обновливи извори на енергија.

Изготвивте анализа која покажува дека наместо планираните 700 милиони евра, Македонија ќе треба да плати една милијарда евра за гасна инфраструктура. Според вас, дали овој проект е правилна одлука и дали постојат алтернативи?
Чоловиќ Лешоска: Гасот во минатото беше претставуван како позитивно и алтернативно решение заради понискиот степен на емисии и помалиот удел во загадувањето, но тоа беше нешто што требаше кај нас да се реализира пред 40 години. Причината за ова е што гасификацијата во моментот не може да се гледа како трајно решение, туку како преоден процес кој ние го пропуштивме. Гледајќи ја планираната сума за имплементација, излегува дека ние сме многу богата држава која може да си дозволи изградба на национална гасна мрежа која ќе се користи десетина години, а потоа ќе се затвори и ќе се инвестира уште толку во нешто друго. Мора да сме свесни дека суштината на декарбонизацијата не е да се замени едно фосилно гориво со друго, туку да се намали користењето на фосилните горива и да се прејде на други извори. Посебно сега, кога истовремено од нас се бара да инвестираме и во постигнување на еколошките стандарди, преку заштита на животната средина или изградба на инфраструктура. Само за инвестиции во животната средина се потребни неколку милијарди евра. Нема логика огромен дел од овие средства ги потрошиме на стари и загадувачки технологии. А знаеме дека во исто време би можеле да го решиме и загадувањето и заштитата на животната средина со тоа што ќе инвестираме во нови обновливи извори на енергија.

Ги посочивте инсталациите кои работат на обновливи извори на енергија. Кое е најдоброто решение за домаќинствата?
Чоловиќ Лешоска: Половина од индивидуалните куќи во државава, со средствата планирани за гасна мрежа можат да станат скоро енергетски независни преку поставувањето на фотоволтаици. Не е јасно зошто кај нас не се пропагира децентрализираното производство на електрична енергија, ама тоа е едно од решенијата. Инвертерите, топлинските пумпи на принцип воздух-воздух, кои се исто така одлично решение, особено кога се комбинираат со фотоволтаици. Во комбинација со мерки за енергетска ефикасност кои треба сериозно и континуирано да се субвенционираат преку Фондот за енергетска ефикасност, домаќинствата значително ќе го подобрат својот комфор, а и заштедат домашниот буџет на долг рок.
Беше направена студија во која ги споредивте ефектите од користењето на алтернативните извори на енергија наспроти користењето на природен гас. Што покажаа резултатите? И дали овие алтернативи се во корист на граѓаните?
Чоловиќ Лешоска: Со анализата сакавме да провериме доколку би имале можност една ваква голема инвестиција, наместо за гас, да ја насочиме кон трајни и одржливи начини на загревање, кои би биле параметрите за успех? Во студијата разгледуваме мерки кои можат да резултираат со 50 проценти од домаќинствата во индивидуални куќи да инсталираат фотоволтаици, односно 40 проценти од домаќинствата да постават топлински пумпи на принцип воздух-воздух или пак, 15 проценти од домаќинствата да имплементираат комплетни мерки за енергетска ефикасност. Принципот на субвенционирање во сите случаи кој го разгледавме беше 90% од средствата на терет на државата, а 10% на домаќинствата. Секако, со промена на процентот на уделот во финансиската конструкција за овие мерки се менува и бројот на опфатени домаќинства. Па така, со поголем удел од страна на домаќинствата значително може да се зголеми бројот на опфатени домаќинства. Уверени сме во тоа дека мора да се инвестира во енергетска ефикасни и подолгорочни одржливи решенија и тоа би требало да биде еден од главните приоритети на новата Влада.
Како реагира Европа на целиот процес на воведување на природниот гас во Македонија?
Чоловиќ Лешоска: Кај нас се случи една многу интересна ситуација со финансиската „рака“ на Европската Унија, Европската инвестициска банка. Две недели пред да стапи на сила нивната нова политика за престанок на инвестиции за фосилни проекти вклучително и за гасификација, банката го одобри заемот за нашата држава, за изградба на гасоводот од Грција до Македонија, што е многу невообичаено. Значи Европската инвестициска банка, која треба да ги протежира европските политики и принципи, правила и стратегии за декарбонизација, кај нас инвестира, односно нѐ задолжува за нов гасовод. Оваа ситуација повторно го покренува прашањето - до кога ќе можеме ние да си ги дозволиме овие долгорочни задолжувања во стари технологии пред тие да станат заробени пари во некорисна инфраструктура?
Какви се очекувањата? Дали според вас ќе биде лесно да се долови атрактивноста на одржливите извори на енергија, покрај спротивните напори на државата за да го воведе природниот гас?
Чоловиќ Лешоска: Ние сме убедени дека доколку граѓаните се доволно информирани, нема да има проблем самите да ја воочат разликата и да пристапат кон инвестирање во долгорочни и одржливи енергетски решешенија. Би ставила акцент уште еднаш на цената на гасот како главен одлучувачки фактор, затоа што е нестабилна. Цената на гасот, трошоците за инсталација, уреди и одржување, како и правно-административните процедури ќе придонесат домаќинствата да не се префрлат на греење на гас. За корисникот да направи промени во инфраструктурата и да инвестира во нови уреди на гас, треба да е сигурен дека тоа ќе може да му се исплати на долг рок. Доколку како држава имаме толку средства за да инвестираме во енергетскиот сектор, граѓаните со право ќе се запрашаат за што би било паметно да ги вложиме овие јавни пари и каква инвестиција ќе донесе најголема придобивка за нив.

Во Куманово беше поставена гасна мрежа, но и покрај напорите за префрлање на домаќинствата, ден денес таму има многу мал број на приклучоци. Дали можеме да ја земеме моменталната ситуација во Куманово како урнек или предупредување дека доколку се случи изградбата на големи гасни мрежи низ целата држава, таа ќе биде пропадната инвестиција?
Чоловиќ Лешоска: Инвестирањето во една голема гасна инфраструктура не е економски исплатливо бидејќи е доста скапо и нема да видиме долгорочна корист од таа инвестиција. Нашите институции треба навистина многу реалистично да гледаат на работите и многу конкретно да планираат за што би се користел гасот. Примерот со Куманово ни кажува дека и покрај мрежата, бројот на приклучоци е значително мал и дека домаќинствата од голем број на различни причини не пристапуваат кон гасот како енергенс, но во реалност тоа ќе нѐ чека и во сите други градови и општини во државата. Затоа, новото Министерство за енергетика треба да се посвети на оваа проблематика и да направи предвидувања за тоа што може да очекуваме. Врз основа на тоа да се одреди кои ќе бидат енергетските приоритети во државата. главната препорака е да се погледне многу реалистично кон ситуацијата, да се разгледаат алтернативите и најважно од сѐ да се донесе одлука за стратешкиот правец во овој сектор.
Горливо прашење е еколошката состојба во Македонија, за која вие постојано се залагате, односно нејзиното подобрување. Согласно она што го изнесовте, докажано е дека гасот загадува, како и останатите фосилни горива. Потенциравте дека енергетската иднина треба да ја градиме со обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност. Кој е вашиот заклучок?
Чоловиќ Лешоска: Навистина ми е жал што секојдневно сведочиме на здравствените последици што ги предизвикува аерозагадувањето, а навистина е трагично што сѐ повеќе се забележуваат и кај децата. На секој поединец, како за себе, така и за своето семејство, најважно му е здравјето, и токму затоа овој проблем нѐ засега сите. Според мене, повеќе не треба да се чека „ниту минута“, туку веднаш треба да се преземат дејствија со кои ќе се ублажат последиците, односно со кои ќе се намали аерозагадувањето. Сите студии покажуваат дека во моментов нема подобра алтернатива од насочувањето кон користење на обновливи извори на енергија и создавање на енергетски ефикасни домови, институции и компании. Затоа сметам дека е исклучително важно да се преиспита планот за гасификацијата и да се земе предвид оваа алтернатива која нѐ води на патот кон зелена трансформација. Македонија има 280 сончеви денови со што можеме да произведуваме енергија. Овие инвестиции се многу исплатливи на долг рок, а покрај тоа и државата ќе ја намали зависноста од увоз на енергија. Значи, кога ќе се земат предвид сите аспекти, постои одлично решение со чија имплементација, покрај тоа што ќе го решиме проблемот со аерозагадувањето, ќе ја постигнеме и зацртаната цел за декарбонизација и долгорочно ќе ја заштитиме природата и животната средина.
