Член на Советот на Кисела Вода стана сопственик на фирма која пред два месеци доби тендер од 1,2 милиони евра
Сашо Петровски, новиот член на Советот на општина Кисеа Вода од владејачкиот коалиционен партнер „Движење ЗНАМ“, стана нов сопственик на фирма која месец и пол дена претходно добила тендер од 1,2 милиони евра за хигиенско одржување на АД Пошта.
„БС Клининг“, фирма регистрирана во јули 2024, на 15 октомври го доби својот прв и единствен тендер засега, во овој случај за хигиенско одржување на АД Пошта од 73.160.000 денари со платен ДДВ. На 5 ноември Петровски официјално станува член на Советот на Кисела Вода како носител на листата на ЗНАМ на локалните избори.
БС Клининг по две недели, односно на 24 ноември ја менува сопственоста, нов газда е Сашо Петровски, наместо извесниот основач Горан Дивлев, кој иствремено е избришан од сопствеништвото. Инаку Петровски за време на изборната кампања беше претставуван како дипломиран економист и стопанственик со над 30 годишно искуство.
Акционерското друштво за поштенски сообраќај „Пошта на Северна Македонија“ ја одбра БС КЛИНИНГ увоз-извоз ДООЕЛ Скопје како најповолен понудувач. Компанијата БС Клининг ќе заработи приход од 1.189.593 евра за две години со тоа што ќе се потпре на соработка со други „подизведувачи“ од каде што ќе доаѓаат хигиеничарите.
Во првата година од своето работење, БС Клининг остварила приходи од само 74.300 денари, расходите и биле 19.401 денар, а прикажаната нето-добивка е 54.156 денари. Фирмата немала вработени во 2024.
Во меѓувреме од АД Пошта имаше и коментар за потребата од тендер за хигиенски услуги. Согласно планот за 2025 година, била предвидена оваа јавна набавка која завршила со избор на најповолна, а тоа била понудата на група на понудувачи чиј носител е БС Клининг ДООЕЛ Скопје.
„Фактор“ веќе направи обид да дојде во контакт со Петровски, а доколку успееме во тоа, ќе го објавиме и гледиштето на новоизбраниот советник од Кисела Вода во наредниот период како дополнување на информацијата.
А.К.
