Член на ЦО на СДСМ стана директор на фирма блиска до Заев
Стојан Коцирв, еден од 130-темина членови на Централниот одбор на СДСМ, стана директор на Сара Инженеринг Доо Струмица, добропозната фирма во јавноста во која порано еден од сопствениците бил и Вице Заев, братот на поранешниот премиер Зоран Заев.
Од пред десетина дена Коциров е именуван за управител на компанијата која е позната по изградба на згради и други проекти. Коциров освен тоа што е актуелен член на Централниот одбор на СДСМ е и поранешен претседател на Социјалдемократската младина во Струмица.
Сара инженеринг е основана на 9 септември 2009 година и низ времето промени повеќе сопственици, а во меѓувреме меѓу нив беше и името на Вице Заев, кој во 2021 се повлече од сопственичката структура.
Компанијата се занимава со градежни работи и инженеринг, изведба на објекти (станбени и инфраструктурни), а се појавува и во листи на фирми ангажирани за ревизии и проекти во градежниот сектор.
Во медиумите претходно се пишуваше дека Сара Инженеринг преку посредник купувала градежни плацови од Општина Струмица, дека е меѓу должниците на Управата за јавни приходи за нецелосно исплатени даноци, како и меѓу фирмите кои добивале кредити од Еуростандард пред банката да биде затворена со стечај.
А.К.
