Чистиот воздух станува луксуз, штетните ПМ 10 напаѓаат
Загаденоста на воздухот
повторно и годинава станува алармантна. Мерните станици кои работат, деновиве
измерија висока концентрација на штетните ПМ10 честички, во поголемиот дел од
скопските населби, но и во другите градови од земјава. Чистиот
воздух во централното градско подрачје
станува луксуз, а граѓаните се жалат дека се дише се потешко, особено наутро и
навечер. Според последните податоци за оваа недела и за вчерашниот ден, рекорди по најзагаден воздух рушат Битола со
измерено присуство на ПМ 10 честички од над 300 милиграми на метар кубен, потоа
скопските населби Лисиче 200-300 милиграми на метар кубен, Карпош од 140 -260
милиграми на м3, Гази Баба од 200-300 милиграми на м3. Ништо подобра не е
состојбата во скопската населба Центар каде присутвото на ПМ 10 е 95-140
милиграми на м3, Ректорот со 144 милиграми на м3, Кичево над 200 милиграми на
м3, Велес 200 милиграми на м3, Тетово 170 милиграми на м3. Дозволената граница
за присуството на овие честички е од 25 до 50 милиграми на метар кубен. Овој
период како и секоја претходна година загаденоста на воздухот се зголемува.
Засега не е познато дали и кога надлежните ќе испорачаат мерки за справување со
загадениот воздух.
Загаденоста на воздухот не се мери секаде
Нивото на присуство на штетните честички не се мери во сите градови во земјава. На веб страната на МЖСПП, во делот за Квалитет на воздухот, се забележува дека некои параметри како присуство на јаглерод моноксид, сулфур диоксид, озон, азот диоксид, фини честички ПМ2,5, во некои градови воопшто не се мерат. Дури нема податоци ниту за суспендираните честички ПМ 10. Така, граѓаните на Кочани не знаат каков воздух дишат, оти за овој град нема податок за ниту еден параметар.
„Мерните станици не функционираат за да локалните власти не се соочат со вистината која сите ја знаеме и чувствуваме. Треба да се преземат конкретни мерки во текот на целата година за намалување на загадувањето, да се ограничи централното градско подрачје за автомобили, да се направи посебна трака за предност на автобусот, да се постават безбедни велосипедски патеки кои го поврзуваат цел град итн. А во меѓувреме да се обезбедат бесплатни маски за кислород за граѓаните за да колку толку си го заштитиме здравјето“, вели Антонио Јовановски, од еколошката организација „Go green“.

Екологистите порачуваат ИПА фондовите да се искористат за зајакнување и подобрување на мониторингот за квалитетот на воздухот.
„За мерните станици е разбирливо да не работат со оглед на тоа дека во нив треба да се инвестира- во нивното тековно одржување, калибрирање и секако проширување на мрежата. Неколку пати сме алармирале дека ова е од клучно значење за целокупното прибирање и објавување на податоци за животната средина. Очекуваме барем од ИПА фондовите да се одвојат средства за зајакнување и подобрување на мониторингот“, вели Ана Чоловиќ, од еколошката организација „ Еко свест“.
Дали големите индустрии се единствените виновци за загадениот воздух?
Рокот за имплементирање на еколошките стандарди за големите компании беше неколку пати пролонгиран. Некои го испочитуваа, но некои како Југохром не се придржуваа кон предупредувањата. Но дали само големите индустриски капацитети се виновни за загаденоста на воздухот? Екологистите посочуваат дека сообраќајот и домаќинствата се дел од клучните загадувачи.
„Сообраќајот е најмногу одговорен за зголемената загаденост на воздухот во Скопје. Стотици илјади стари автомобили се увезоа во Македонија во последните десет години, а особено во периодот кога дури и не постоеа еколошките (ЕУР) стандарди за увезени автомобили. Проширувањето на улиците не придонесува за помалку сообраќај во градот туку за зголемување на бројот на автомобили особено во ладните денови. Кога е ладно граѓаните повеќе го преферираат автомобилот за превезување до одредена дестинација, која порано сме ја оделе пеш или со велосипед. Домаќинствата исто така придонесуваат за загадувањето во зависност од каков енергенс користат, доколку користат биомаса загадуваат директно во Скопје, а доколку се на струја придонесуваат за загадувањето на воздухот во Битола“, вели Јовановски.
Од Фронт го повикуваат Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), јавно да ја презентира студијата за изворите на аерозагадувањето.
„Имаше лани од Екогерила еден извештај за тоа колку е немалено загадувањето во текот на зимата без Југохром, бројките беа некаде околу 40% помало загадување.Но да не заборавиме дека еден од главните извори на загадувањето со ПМ честички се сообраќајот и согорувањето на огревно дрво. Се додека не се решат проблемите со недостиг од јавен сообраќај (во Тетово) и елиминирање на огревното дрво од урбаната средина ќе продолжиме да го имаме овој проблем. МЖСПП требаше во април оваа година да ја објави студијата за изворите на аерозагадување но и покрај тоа што официјално ги побаравме наодите од студијата и понудивме истата јавно да се презентира, МЖСПП до ден денес не ја имаат објавено оваа студија“, вели Чоловиќ.
После неколку пролонгирања Југохром го згасна производството
Производствените печки во фабриката Југохром во Тетово комплетно згаснаа, но воздухот во овој град и натаму е загаден. Според последните податоци од мерните станици присуството на штетните суспендирани честици ПМ 10 се на високо ниво односно од 170 милиграми на метар кубен. Работниците од фабриката „Југохром“ која е затворена на барање на Министерството за животна средина, му дадоа рок на бордот на директори до понеделник да одлучат за нивните барања.Бараат да добиваат плата во периодот кога компанијата нема да работи, и се заканија со протести ако надлежните не одговорат на нивните барања. Директорот Васко Скендеровски изјави дека планира да се сретне со синдикатот.
Дел од екологистите велат дека редно време беше да се затвори оваа фабрика, која според нив е клучен загадувач на воздухот во овој регион. Вработените кои останаа без работа се колатерална штета, а државата треба да стимулира отворање на зелени работни места, посочуваат екологистите.
„Конечно правилна одлука за затворање на Југохром. Треба да сочуствуваме со граѓаните кои ја изгубија својата работа, но Југохром го држеше заложник здравјето на илјадници граѓани премногу години. Загадувањето не е само на воздухот, туку и на водите и реките од кои се наводнуваат земјоделските култури во регионот од каде сите ние се храниме. Воедно, со тие инвестиции кои беа потребни за одржување и поставување филтри, може да се отворат илјадници зелени работни места во други сектори, како на пример во земјоделството, енергетската ефикасност и соларната енергија. Искрено се надеваме дека инвестициите од тешката индустрија ќе се преалоцираат во незагадувачки сектори кои ќе ја унапредат животната средина и ќе отворат работни места“,Јовановски.
Според екологистите Југохром како профитабилна
компанија можела да си дозволи и кредит за да може да ги имплементира
еколошките стандарди, а со тоа и вработените да не останат без работа во
периодот на имплементација.
„За Југохром, ја слушнав Теута Арифи како изјави дека смета дека затворањето на
Југохром не треба да биде на сметка на вработените- значеше дека тие треба
плата да земат додека не работи инсталацијата. Обврската да се усогласи
Југохром со перативниот план (да ги примени најдобрите достапни техники и да се
доближи до стандардите со што ќе престане да загадува) стојат и мора да се
испочитуваат. Владата не требаше да „простува“ и да прогледува низ прсти- сепак
станува збор за профитабилна компанија која е во состојба и да земе кредит за
да ги примени овие стандарди само за да може да работи. Но за жал кај нас
компаниите се гледаат како извор на социјална заштита што не е однос
карактеристичен за другите делови во светот“, вели Чоловиќ.
Светската банка ја рангираше Македонија на петто место по смртност од загаден воздух.
Во еден од извештаите, Светската банка ја рангираше Македонија на петто место по смртност од загаден воздух. Во извештајот се посочи дека загадувањето на воздухот во Македонија е едно од најголемите во Европа, што исклучително лошо влијае врз здравјето на луѓето, наведувајќи дека Македонија има најзагаден воздух во Европа. Земјава е на прво место на листата на банката, кога станува збор за изложеност на граѓаните на загаденост на воздухот со цврсти честички. Веднаш зад нас е Србија, а потоа следуваат Романија, Бугарија и Малта. Сознанијата на Светска банка, упатуваат на тоа дека цврстите честички ПМ 10 се одговорни за повеќе од 1.350 смртни случаи годишно, но и илјадиници изгубени работни денови – што претставува економски трошок од 253 милиони евра годишно или 3,2% од БДП.
Од друга страна Државниот завод за ревизија констатираше дека државата не прави доволно за да се реши проблемот со загадувањето. Во извештајот насловен како “Ефикасноста на мерките за обезбедување на квалитетот на воздухот во Република Македонија”, а кој се однесува на периодот од 2012 до 2014 година, ревизорите посочуваат низа забелешки. Во извештајот укажуваат дека постои отсуство на редовни мерења на квалитетот на воздухот поради неисправност на дел од мерните станици, необезбедени пари за резервни делови за мерните станици, не се распишувал оглас за јавна набавка на резервни делови за мерните станици, отсуство на персонал, лабораториска опрема, поради што оценката на квалитетот на воздухот за анализираниот период, според ревизорите била некомплетна.
Т.С
