Чингоски: Си одам од лични причини
На денешната седница на Надзорниот одбор на АД „Електрани на Македонија“ е усвоено барањето на д-р Влатко Чингоски за негово повлекување од функцијата Претседател на УО и генерален директор на АД „Електрани на Македонија“. По разгледување на барањето, Надзорниот одбор на АД ЕЛЕМ констатира дека се исполнети сите услови за негово отповикување од функцијата. Повлекувањето на г. Чингоски е направено од лични причини.
„Пред повеќе од шест години ми беше доверена оваа исклучително тешка и сложена, но во исто време и сериозна и значајна функција, да ја водам најголемата и една од најзначајните компании во нашата држава. Тоа за мене беше големо задоволство, но и исклучително голема обврска, која за време на целиот изминат период се обидував да ја вршам најдобро што знам и умеам и во рамките на моите способности, знаења и ингеренции.
Сметам дека во изминатиот шестгодишен период целосно се вложив, со сите идеи и можни активности, се со цел од АД „Електрани на Македонија“ да направам современ, ефикасен и пред се, економски корисен субјект во земјава, истата да ја зајакнам како технички, така и финансиски и инвестициски и да се обидам да го етаблирам местото и улогата на ЕЛЕМ не само во рамките на Република Македонија, туку и надвор од нејзините граници, пред се на регионален план. Иднината ќе покаже дали и колку сум успеал во тие напори. Едно е сигурно, овие шест години оставија силен позитивен белег во мојот живот и несомено ќе бидат период кој трајно ќе остане во мене.
Во оваа прилика би сакал јавно да се заблагодарам на сите оние со кои имав непосреден или посреден допир и кои во овој изминат период речиси станаа дел од мојот живот, а тоа се пред се, моите колеги од Управниот одбор. Сакам да се заблагодарам на Владата на Република Македонија, нејзините Министри, особено ресорните со кои имав одлична соработка и без чија поддршка и разбирање невозможно е да се биде успешен на оваа позиција. Благодарност и до Регулаторната Комисија за Енергетика и Агенцијата за енергетика, како и до сите членови на Надзорниот одбор. Сакам да се заблагодарам на колегите од енергетскиот сектор особено на колегите од АД МЕПСО, ЕВН АД, ТЕЦ Неготино, ТЕ-ТО и Когел. Голема благодарност и до вас, преставниците на медиумите кои постојано бевте еден чекор пред или зад АД „Електрани на Македонија“ и постојано ги следевте нашите активности. Понекогаш не наоѓавме заеднички јазик, но секогаш се трудевме да ви бидеме на располагање, а вие со своите написи и коментари да не натерате да бидеме и подобри и потранспарентни во нашето работење. Искрено, се надевам дека и понатаму успешно ќе соработуваме во некои други проекти, на некои други нивоа.
На крај, не смеам да ги заборавам моите колеги вработените во АД „Електрани на Македонија“, бидејќи од нив зависи успехот на целата наша компанија. Тие имаат значајно место во целокупната слика за АД ЕЛЕМ денес и јас од се срце им заблагодарувам за нивните секојдневни напори и поддршка што постојано и истрајно ја даваа на целиот Управен одбор и лично мене, како негов претседател. Огромна благодарност и до моето семејство и родителите кои имаа разбирање за сите мои работни обврски и отсуства од дома, кои мораа врз себе да превземат дел од она што јас физички не можев да го реализирам. Се надевам дека во иднина ќе можам да им вратам и надоместам на достоен начин, барем дел за сите пропусти кои сум ги направил“ - изјави д-р Влатко Чингоски.
Слично
