Економија, финансии, бизнис

Контакт

Чиј цех плаќаат 70.000 компании?

Чиј цех плаќаат 70.000 компании?
Одложувањето на либерализацијата што денеска го објави министерот Незири остави многу отворени прашања. Тој рече дека ги штител домаќинствата, но не кажа дали тоа е на штета на 70.000 македонски компании кои требаше да одат на пазар и да добијат пониски цени. Зошто одложувањето не го најавија пред снабдувачите и компаниите да почнат да склучуваат договори? И дали сега овие 70.000 фирми се дискриминирани во однос на оние 240 што во април излегоа на пазар ? Повеќе од 70.000 компании во земјава нема да можат да купуваат електрична енергија по пазарни цени туку и понатаму ќе останат под капата на Регулаторната комисија за енергетика и ќе плаќаат регулирана цена на електрична енергија. Процесот на либерализација е одложен и наместо од почетокот на идната година ќе почне на 1 јули 2016 година, а во етапи ќе трае до 1 јули 2020 година, ова е суштината на измените на Законот за енергетика што се носат по скратена постапка во Собранието доставен од Владата по предлог на Министерството за економија. До кога одложување Кои се причините заради кои беше доставен предлогот за кој немаше јавна дебата, не беа консултирани компаниите учесници на пазарот, потрошувачи, снабддвачите, стопанските комори и други еснафски здруженија? Во образложението за измени на Законот за енергетика, што беше поставено на веб страницата на Собранието претпладневните часови на 9 октомври, пишуваше дека одложувањето се прави заради тоа што Регулаторната комисија за енергетика утврдила дека цената на електричната енергија за домаќинствата ќе поскапела до 20 отсто по стартот на либерализацијата на пазарот со новите 70.000 компании. Дали тоа значи дека домаќинствата ќе треба да ги покријат трошоците на операторите на дистрибутивните мрежи кои досега ги плаќале и тие 70.000 компании? Дали тоа истото ќе се случи и 2020 година? И пак ли ќе се одложува? Оваа теза ја изнесе и министерот за економија Беким Незири, при тоа потенцирајќи дека најодговорно тврди дека поскапувањето кај домаќинствата ќе биде до 20 отсто ако се либерализира пазарот. Зошто на прес конференцијата немаше претставник на Регулаторната комисија за енергетика? Па тие се најнадлежни да објаснат зошто порано можеби пред четири или пет месеци не и соопштија на јавноста дека може да биде проблем за домаќинствата тоа што компаниите ќе почнат да купуваат електрична енергија по пазарни цени. Бизнис плановите на компаниите паднаа во вода Зошто тоа не им го соопштија ниту на компаниите снабдувачи со електрична енергија кои започнаа маркетиншки кампањи, почнаа да го освојуваат пазарот и нудеа пониски цени за електрична енергија од цените по кои досега тие се снабдуваа? Зошто никој од РКЕ не најде за сходно да им каже дека не треба да се изложуваат на трошоци за набавка на електрична енергија, за отварање на фирми, за вработување на лица, за наем и закуп, за инсталација на софтвери, за изработка на рекламни кампањи и за плаќање реклами на печатените и на електронските медиуми во земјава. Зарем тоа се прави на 36 дена пред истекот на рокот во кој треба да склучат договори. А некои од нив веќе имаа преддоговори со компании што ќе ги снабдуваат. Па истата таа Регулаторна комисија за енергетика во Законот за енергетика од февруари 2011 година се сложи дека либерализацијата може да почне целосно до 1 јануари 2015 година. Од друга страна како им е сега на менаџерите во голем дел од тие 70.000 компании кои склучиле преддоговори за снабдување со електрична енергија. Особено што знаат дека добиле понуди кои се од 20 до 30 отсто со пониски цени од тие што досега ги плаќале. И што ако веќе ги направиле, а сигурно ги направиле нивните бизнис планови за идната година во кои калкулирале повеќе пари за развој и можеби нови работни места за сметка на парите што сега ги даваат за струја од ЕВН Македонија. А ќе ги даваат и тоа некои од нив до 2020 година нема да добијат шанса да изберат сами туку ќе мораат да плаќаат регулирана цена на електричната енергија. Што сакаше да каже министерот Незири кога рече дека електричната енергија ќе поскапи до 20 отсто? Не објасни. Не објасни ниту Димитар Петров. Денеска објасненија не побараа ниту стопанските комори ниту другите еснафски здруженија во земјава. Можеби тоа ќе го направат деновиве. Компаниите им ја плаќаат струјата на граѓаните?!  Ајде да анализираме што кажа министерот Незири, затоа што тој не објасни детали. Цената на струјата се состои од две компоненти фиксна и варијабилна. Ако се работи за пазарна цена тогаш една од компонентите е варијабилна и таа е цената на електричната енергија која секојдневно може да се види на берзите во Љубљана, Букурешт и во Будимпешта и Виена во нашиот регион. Другата компонента е фиксна и е агрегат од трошоците за мрежарина што ги наплаќаат операторот на дистрибутивната мрежа, операторот на преносната мрежа и на операторот на пазарот со електрична енергија. Тие фиксни трошоци ги утврдува Регулаторната комисија за енергетика и заради тоа таа инстанца треба да биде со голем капацитет и со широка независност во одлучувањето и делувањето. Секако да биде и транспарентна. Доколку купуваат на отворен пазар компаниите имаат фиксна и варијабилна компонента на цената. Нивниот збир е сумата што ја плаќаат за својата потрошена електрична енергија. Ако се земе во предвид фактот дека компаниите што требаше да излезат на пазар од април наваму добиваат пониски цени на струјата од тие што ги добивале претходно, а иста беше најавата од снабдувачите и тоа со фиксни договори и за голем дел од новите 70.000 потрошувачи дали тоа значи дека увозните цени на струја се пониски од нашите цени на произведена електрична енергија? Нема одговор. Или можеби трошоците на операторот на дистрибутивна мрежа или на преносна мрежа се високи во споредба со други? Дали тие може да се намалат? Нема одговор. Дали операторот на дистрибутивната мрежа треба да ги прилагоди своите трошоци затоа што требаше да се промени неговиот режим на работа и таа компанија треба да разграничи што е снабдување, а што е дистрибуција на електрична енергија? Не знаеме. Дали се спроведува реформата и дали сега за да се заштитат домаќинствата, како што вели Незири, треба да платат 70.000 компании? Се надеваме дека одговори ќе има... Р.Ф.
Слично

Поврзани вести