Четворица кандидати и Црвенковски номинирани за лидер на СДСМ!
Петмина кандидати за лидер на СДСМ, меѓу нив е и името на досегашниот лидер Бранко Црвенковски.
Комисијата за верификација на СДСМ до вечерва добила пет кандидатури за лидер: Зоран Заев, Зоран Јовановски, Игор Ивановски и Кире Наумов, додека петтиот е актуелниот лидер на СДСМ Бранко Црвенковски, кој е предложен од Иницијативниот одбор на оваа партија.
Вечерва на полноќ истече рокот за поднесување на кандидатури за наследник на Црвенковски, кој досега неколку пати изјави дека нема намера повторно да застане на чело на најголемата опозициска партија, поради што се очекува комисијата воопшто да не ја официјализира неговата кандидатура. Партиски извори велат дека е речиси невозможно Црвенковски уште еднаш да се кандидира.
Утре комисијата, според процедурата ги официјализира кандидатурите. Трката за лидер на СДСМ на четворицата кандидати, ќе финишира со јунскиот Конгрес, кога делегатите го имаат последниот збор. Досегашната кампања покажа дека дел од кандидатите играа валкано, со стрели упатени кон противниците, но се чини дека дворските игри подзапреа откако Зоран Заев предупреди на можноста да ја повлече својата кандидатура.
Слично
