Економија, финансии, бизнис

Контакт

Четири македонски компании досега самоиницијативно воведоа скратено работно време по породилно отсуство

Четири македонски компании досега самоиницијативно воведоа скратено работно време по породилно отсуство

„Европа“ - Скопје, „Макпрогрес“ - Виница, „Витаминка“ - Прилеп и „Рептил маркети“ се четирите македонски компании кои досега самоиницијативно вовеле скратено работно време за родителите на кои им завршило породилното отсуство и се вратиле на работното место.

Ова денеска го објави м-р Елена Милевска Штрбевска, главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за правни прашања во својата последна колумна за општествената одговорност на компаниите-членки.

„Општествената одговорност на компаниите постепено станува составен дел на деловната политика на македонските компании. Тоа се потврдува и преку бројните иницијативи на деловната заедница кои директно влијаат врз промовирањето на заеднички општествени вредности, насочени кон економска и социјална благосостојба, преку кои се постигнува подобрување на сопственото реноме на компаниите, подобрување во односите со клиентите и инвеститорите, но и поголема мотивираност и лојалност на вработените. Во тој контекст, со задоволство би ја споменала иницијативата на неколку наши долгогодишни членки („Европа“ - Скопје, „Макпрогрес“ - Виница, „Витаминка“ - Прилеп, „Рептил маркети“ - Скопје) за воведување скратено работно време за работниците кои користеле породилно отсуство, како пример за воведување општествено одговорни практики со кои се придонесува за овозможување подобри услови за вработените, унапредување на родовата еднаквост и поголем баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот“, пишува Милевска Штрбевска.

Инаку денеска премиерот Зоран Заев оствари средбата со Стопанските комори на која се разговараше за продолжување на породилното отсуство, односно за воведување три месеци половина работно време за новите родители. 


Слично

Поврзани вести