Четири години затвор за поранешниот романски премиер Адриан Настасе
На четири години затвор Врховниот касациски суд на Романија денеска го осуди поранешниот романски премиер Адриан Настасе, поради земање поткуп.
Одлуката на судот е конечна, а Настасе за кратко време се очекува да биде пренесен во затвор. Таа е донесена по делото, познато под името „Замбакчан“ откако Националната дирекција за борба против корупција во Романија ја обжали пресудата на Настасе за овој случај, изнесена во март 2012 година.
Тој тогаш беше осуден на три години условна казна за уцена и беше ослободен од обвинението за земање поткуп.
Романскиот суд денеска ја осуди и сопругата на поранешниот премиер, Дана, на три години условна затворска казна за истото дело.
Судот, исто така, одлучи од брачната двојка Настасе да бидат конфискувани и околу 450.000 евра.
Според обвинението за делото „Замбакчан“, Настасе во функција на премиер во периодот од 2002 до 2004 година стекнал корист во вредност од околу 630.000 евра.
За време на истрагата е заклучено дека земјиштето на улицата „Замбакчан“ од 700 метри квадратни е купено во 1998 година од адвокатската куќа „Адриан Настасе“ за околу 11.000 евра. реалната вредност на парцелата подоцна била проценета на вредност 25 пати поголема. Семејството Настасе станале сопственици на имотот една година подоцна и изградиле четирикатна зграда.
Во јуни 2012 година Настасе беше осуден на две години затвор за незаконско финансирање на неговата предизборна кампања за претседателските избори во 2004 година со два милиони долари од државниот буџет. Тој се застрела во вратот кога полицијата пристигна во неговиот дом за да го притвори, но сепак одлежа една третина од казната и беше предвреме ослободен на 18 март 2013 година, имајќи ги предвид неговата возраст и доброто однесување.
