Економија, финансии, бизнис

Контакт

Четири години војна во Украина

Четири години војна во Украина

Утре ќе се навршат четири години од руската инвазија или како што велат Русите, „Специјалната воена операција“ против Украина. За средината на неделава се очекува нова рунда преговори во Женева. Стив Виткоф и Џаред Кушнер, американските посредници, ќе треба веќе да бидат таму на преговори со Иран, ако САД во меѓувреме на ја нападнат оваа земја.

Развојот на настаните во  последно време, интензивноста на преговорите, и упорноста на американскиот претседател, Доналд Трамп, да дојде до некое мировно решение за Украина, навестуваат дека од Женева деновиве може да се очекуваат некои позитивни резултати. Стив Виткоф  дури најави „добри новости“ за решавање на конфликтот, па дури и дека за три недели можат да се создадат услови за средба на лидерите на Русија и Украина. Или тристрана средба во преговорите со учество на Трамп, Но, таквата средба, според некои поранешни изјави на Виткоф, е условена со барањето на американскиот претседател претходно да бидат прифатени од Русите и Украинците решенија, кои на неа би биле потврдени. Украинскиот претседател, Владимир Зеленски, веќе зборува за таква средба. Демек само на неа би можеле да се решат некои прашања, кои не се решаваат на преговорите на тимовите од Русија и Украина. Од Кремљ остануваат на поканата на претседателот, Владимир Путин, Зеленски да дојде на таква средба во Москва.

Деновиве WSJ објави текст во кој се тврди дека Зеленски одржал средба со советниците и им рекол да се подготвуваат за војна уште три години. Можеби сето ова е дел од некаква тактика. Од Киев демантираа ваков став на Зеленски, но во сегашните услови, се’ е можно. Не е прв пат да се тврди дека Европа сака да ја продолжи војната во Украина до крајот на мандатот на Трамп, кој истекува за три години. Можеби се калкулира дека дотогаш  Украина ќе добива воена и финансиска помош да ја издржи војната, а потоа би се удрило врз Русија! Но кој гарантира дека Украина уште три години ќе може да води војна. И таа и Русија досега имаат загинато по околу 150 илјади војници. А вкупните загуби, ранети и загинати, на обете страни, се по околу еден милион. Да не зборуваме за материјалните и финансиските штети од војната. А згора на се’ и натаму главен и одлучувачки фактор за се’ се Американците со нивните разузнавачки податоци, со нивното оружје и пари...Тие би се „вклучиле“ ако дојде до војна меѓу Европа и Русија. Што можеби е цел на некои членки на Алијансата. Но што не е гаранција дека САД при Трамп би влегле во таква војна.

ВОЈНА ИЛИ ИЗЛЕТ СО СКАРИ

На четвртата годишнина од војната полека во јавноста испливуваат сознанија за неа, за причините, за текот на подготовките, за учеството на Западот во нив, за Русија и Украина. Хронологијата кажува дека руските трупи беа на границата на Украина речиси една година. Факт кој зборува за своевиден притисок. Потоа за „ултиматумот’ од Русија до САД и НАТО, во декември 2021 година, да се разговара за безбедноста на Русија во светлото на ширењето на Алијансата на исток. Ултиматум, кој со индигнација беше отфрлен од адресатите. И руската најава за воено-технички одговор. И тој беше испорачан на 24 февруари 2022 година. За овие работи пред четири години пишувавме на страниците ба „Фактор“.

Но наместо „блиц криг“ и војна од неколку недели, како што Путин му изјави тој ден на пакистанскиот премиер, Имран Кан, кој беше во посета на Русија, војната трае до ден денес. Веќе подготвениот договор за прекин на војната, во Истанбул еден месец по нејзиниот почеток беше урнат од Британија. Од нејзиниот премиер, Борис Џонсон, кој им порача на Украинците „да војуваат“. Тој и сега бара испраќање на западни војски во Украина. Да не се чека постигнување на договор за мир.

Британски „Гардијан“ деновиве објави истражување за војната во Украина. Американците преку своите дипломати и специјални служби ги убедувале Украинците дека се подготвува  руски напад. Тоа го тврделе и британските служби. Европа не верувала дека Русија може да преземе таков чекор. Украинците меѓу ваквите два става повеќе биле склони, политичарите, дека до напад нема да дојде. Па Зеленски дури ги повикуваше сонародниците да се подготвуваат во мај „да одат на излет со скари“. Но,  Американците тогаш се префрлиле на контакти со украинските специјални служби и војската и на тој начин успеале да создадат некои одбранбени стратегии и механизми. Што можеби се покажа одлучувачко војната да не трае „неколку недели“.

Во Русија војната беше внимателно подготвувана. Но очигледно не до крај внимателно. Специјалните служби го убедувале Путин дека 90 проценти од населението ќе ги дочека Русите „со цвеќиња“. Во сеќавање се снимките од Кремљ од 21 февруари, неколку часови пред влегувањето на војските во Украина, кога Путин свика заседание на Советот за безбедност и бараше мислења од собраните за признавање на Доњецката и Луганската народна република. Сите клатеа со главите. Само првиот човек на СВР(руската разузнавачка служба), Сергеј Наришкин, не беше „певлив“. Тој ги знаеше вистинските состојби, а од друга страна и ставот на Путин, па неволно, со треперење во искажувањето, се приклучи кон поддршката на Путин. Овој јавно го прекори Наришкин за неговиот „несмасен“ одговор на прашањето на претседателот за признавањето на Донецката и Луганската народна република. Само едно лице отворено се изјасни против планот на состанокот во Кремљ: Дмитриј Козак, заменик-шеф на претседателската администрација и еден од најдолгогодишните соработници на Путин, кој го познаваше од средината на 1990-тите. Кон крајот на ланската година си поднесе оставка на сите функции во Администрацијата на претседателот.

ОСТАНУВААТ НАДЕЖИТЕ ЗА МИР

Во предвечерието на војната и американскиот претседател, Џо Бајден разговарал со Путин, кој бил „цврст, решителен и апсолутно незаинтересиран за какви било предлози за преговори“. Заклучокот на Бајден бил дека „треба да се подготвува за најлошото“. САД не очекувале ваков однос на Путин. Овој веројатно кренал раце од преговори, откако Американците ги отфрлија неговите предлози да се разговара за безбедноста на Русија. Американските разузнавачи уште во ноември 2021 година „намирисале“ дека Русите може да ја нападнат Украина. Па директорот на ЦИА Вилијам Барнс отпатувал во Москва, но Путин бил во Сочи. Разговарале телефонски. Барнс изразил загриженост на САД за можна руска инвазија на Украина, но Путин го игнорирал и „продолжил да ги изнесува своите поенти“. Поточно, тој тврдел дека неговата разузнавачка служба пријавила американски воен брод кој се крие зад хоризонтот во Црното Море, вооружен со ракети способни да ја достигнат неговата локација во Сочи за само неколку минути. Путин сугерирал дека ова ја покажува „стратешката ранливост“ на Русија во „униполарен свет доминиран од САД“, се вели во истражувањето на „Гардијан“.

Денес остануваат само надежите дека ќе може да дојде до мир во Украина. Русија не успеа да го сопре проширувањето на НАТО. Шведска и Финска станаа членки на Алијансата. И сега се едни од најагресивните противници на Русија. Русија поради ангажираноста во Украина, не успеа да ја спречи промената на власта во Сирија, во Латинска Америка допрва ја чекаат истите предизвици. Од друга страна Западот ја натера да оди во „прегратките на Кина“. Земјата која и помогна да ја води посредната војна со НАТО во Украина. Заедно со другите држави од БРИКС. Доаѓањето на Трамп, кој не е оптоварен со идеологија, дава шанси за воспоставување на нови односи меѓу САД и Русија. И секако, создавање на повеќе поларен свет. Специјалниот претставник на Трамп, Стив Виткоф, деновиве изјави дека Путин „ секогаш беше чесен со мене. Кога јас го велам ова, мене веднаш почнуваат да ме критикуваат, но тоа е точно тврдење. Тој сам ми кажа што е неприфатливо за него“. Според Виткоф, ова е многу битно, „средбите со руската страна се важни за разбирање на руската позиција“.

Четирите години војна поминуваат. Уште колку ќе останат до нејзиниот крај? Што може да се каже по четири години? Подлабока анализа ќе покаже дека не станува збор само за вооружена агресија. На овие страници сме пишувале за „војна на цивилизации“. Војна меѓу Западот и Истокот. А Украина се најде на линијата на фронтот на тој судир. На фронтот и околу него се гине најмногу. Украина изгуби територии. А заедно со Русија и многу жртви. Да не зборуваме за економијата. Западните санкции, западното оружје и пари не доведоа до „катастрофа“ и уништување на Русија, не доведоа до ослободување на Крим, до излегување на Украина на границите од 1991 година. До „еве уште малку, па Русија е готова“. Се ширеше ова низ западот и светот. Исклучувајќи ги Украина и Русија, најголем губитник од војната е Европската Унија. А таа, некои земји во неа, заедно со Британија, упорно се залагаат за продолжување на војната.  Со давање предлози, кои можат да доведат и до поголема војна. Предлозите, на пример, на Каја Калас за мир со Русија. НАТО е посебна приказна. Можеби мозокот на Алијансата, кој според францускиот претседател Емануел Макрон, пред неколку години беше мртов, сега е во фаза на реанимација. Русија е мотивот за побрза реанимација. САД и поддржуваат, но и прават работи од кои на членките им се крева коса на глава. Најмногу на Марк Руте, кој е расчепатен меѓу Трамп и Европа. Не знае кој пат да го фати. А Европа веќе зборува за свои воени сили.

Мирче Адамчевски

*Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Слично

Поврзани вести