Честитки од премиерот и поглаварот на ИВЗ по повод Рамазан Бајрам
По повод празникот Рамазан Бајрам Премиерот Никола Груевски упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница Реис Ул Улема Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи, до членовите на Ријасетот и до верниците од исламска вероисповед.
„Ова се денови од неизмерно големо значење за Вашата заедница и духовна посветеност. Честитајќи Ви го празникот, Ви посакувам и сите други месеци од годината да ви бидат исполнети со вредностите и благодетите на најблагородниот и најсреќниот месец за Вас, месецот Рамазан. Вербата во Бога да нè води кон вистинскиот пат и постојано меѓу луѓето да владее слога и почитување без разлика на религиската, верската, или каква било друга определба“, се вели во честитката.
Да ги искористиме религиите и верските учења за убави нешта, додава Груевски, за продолжување на столетната традиција на пријателство, единство и хармонија, како основа за забрзан економски, културен и сеопшт развој на Република Македонија.
„Тоа е единствениот пат кој води кон подобар животот на нашите граѓани, во секој дел на државата, во секое поле и од секаков аспект. Ние силно работиме на оваа агенда и уверен сум дека заеднички ќе продолжиме да чекориме по истиот пат“, пишува во честитката
Денеска е последниот ден од месецот Рамазан во исламскиот календар, според тоа денес е последниот ден од постот кај муслиманите, кои еден месец од изгрејсонце до зајдисонце се воздржуваа од јадење, пиење, лош однос и навики, се воздржуваа од неетика и неморал, се солидаризираа со оние кои гладуваат по светот.
