Честитка од Груевски и Заев за денот на Ромите
Денеска е светскиот ден на Ромите. Премиерот и лидер на владеачката партија и опозицискиот лидер упатија честитки по повод нивниот ден .
„Чест ми е, во името на Владата на Република Македонија и во мое лично име, на сите наши сограѓани, припадници на ромската етничка заедница, со искрена желба за многу здравје, радост и среќа да Ви го честитам 8 Април - Меѓународниот ден на Ромите.
Вреднувањето на различноста и културните посебности на секоја заедница која е дел од нашето мултикултурно општество е традиција на која сме посебно горди. На овој ден Македонија ја обележува културната специфичност и традиции на ромската заедница која е една од најстарите на нашата територија. Со Вашата единствена и препознатливa култура Вие ја збогатувате разноликоста по која нашата држава е препознатлива.
Силата на нашата земја потекнува токму од нашите различности. Начинот на кој го стимулираме развојот на етничкиот, религиозниот и јазичниот диверзитет е доказ за слободоумието и инклузивната култура која е белег на македонското општество. Во оваа насока и во иднина ќе продолжиме да работиме. Ќе го развиваме мултикултурализмот и активно ќе продолжиме да го поддржуваме соживотот, соработката и хармонијата на нашето општество. Таквиот принцип на братство и пријателство значи и дека проблемите и предизвиците со кои се соочува ромската заедница во Република Македонија не се само Ваши, тие не засегаат сите нас. Отворањето на нови работни места, подобрувањето на здравството, унапредувањето на образованието и целокупната изградба на земјата зависат само од нас и од подготвеноста да функционираме како целина, сложно и посветено. Иднината на Македонија е иднина на Ромите и наша заедничка иднина, која можеме да ја изградиме онака како што посакуваме само преку сплотеност и заедништво, како што тоа сме го правеле и во минатото.
Почитувани припадници на ромската заедница, Ви посакувам добро празнично расположение, среќа и бериќет во Вашите семејства.
Нека Ви е честит големиот празник!“ - гласи честитката на Премиерот.
Претседателот на СДСМ и градоначалник на Струмица, Зоран Заев по повод светскиот ден на Ромите изјави: „Денес е Ваш ден, ден на кој треба да бидете горди. Поминаа 44 години од Првиот конгрес на Ромите одржан во Лондон, на кој беше усвоено Вашето официјално знаме, беше избрана Вашата химна, а беа официјализирани како рамноправни, сите ромски дијалекти на кои се зборува во светот. Од тогаш до денеска, борбата за Вашите права е во континуиран растеж. Вие тоа го заслужувате бидејќи сте дел од Европа, Балканот и Македонија, бидејќи сте дел и од општина Струмица“, изјави Зоран Заев. „Вашата целосна интеграција во општеството и заедницата, во вистинската смисла на зборот, треба да остане наша примарна задача, особено на социјален и економски план. Мора да ви бидат создадени сите неопходни услови за непречено негување на Вашиот јазик, култура и традиции кои се белези на Вашиот идентитет. Во таа смисла, секогаш ќе ја имате полната поддршка од мене и од Општина Струмица. Нека ви е честит и вековит Светскиот ден на Ромите“, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев.