Чешка е подготвена да ја затвори границата за мигранти
„Чешка е подготвена да ги затвори границите за мигранти, ако миграцискиот бран почне да ја загрозува националната безбедност“.
Тоа го изјави чешкиот премиер Богуслав Соботка.
„Ние сме подготвени за можноста да ја затвориме границата“, рече тој, додавајќи дека „најдобра опција е да се најде ефикасно решение на европско ниво“.
Според него, секоја одделна членка на ЕУ не може сама да се справи со растечкиот проблем со илегалната имиграција од Блискиот Исток и Северна Африка.
Премиерот ги отфрли шпекулациите дека масовната миграција кон ЕУ е предвидена акција. „Мигрантите не се организирана армија“, рече тој, потсетувајќи дека сепак Европа се соочува со најголемата криза со миграцијата по Втората светска војна.
Соботка повика да се прави разлика помеѓу бегалци кои бегаат од војната во Сирија и Ирак, и т.н. економски мигранти кои сакаат да имаат корист од социјалниот систем на Западна Европа.
„Ние треба да им помогнеме на оние кои всушност имаат потребна, но не по цена на кршење на сопствената безбедност“, истакна премиерот. „Оние кои бараат азил, треба да се усогласат со законите и прописите“, категоричен е тој.
Соботка повторно ги отфрли плановите за усвојување на постојани механизми за распределба на бегалците меѓу земјите-членки на ЕУ и повика на поголема заштита на границите на Шенген зоната. Според него клучната улога во разрешувањето на миграциската криза е на Турција, која ќе добие 3 милијарди евра финансиска помош.
Во 2015 година Република Чешка има обезбедено азил на 71 странци. Во земјата се приведени 3315 илегални мигранти. Од19 јануари во бегалските центри таму се наоѓаат 98 лица, повеќето од Ирак, Авганистан и Украина. Според плановите на Европската комисија, Чешка мора да прифати 2691 бегалци од Грција и Италија.
Во меѓувреме чешкиот претседател Милош Земан изјави дека НАТО треба да се вклучи во заштитата на границите. Земан повика на ограничување на бројот на бегалците кои Чешка треба да ги усвои со системот на квоти на ЕК.
„Не би го драматизирал земањето на три сириски семејства со болни деца. Не драматизирам и неколку десетици илјади ирачки христијани, подложени на прогонување од муслиманите, но јасно велам: „Доста. Тоа е сè“, изјави Земан.
