Економија, финансии, бизнис

Контакт

Челикот се враќа во мода! Коj направи профит од 10 милиони евра за шест месеци?

Челикот се враќа во мода! Коj направи профит од 10 милиони евра за шест месеци?

Додека некому не му се стемни, на друг нема да му се раздени! Основна  економска вистина, која во украинската несреќа создаде простор за други заборавени или подзаспани железари и челичарници. Уништувањето на европскиот мега-гигант „Азовстал“ создаде простор за многумина. Наш „Макстил“ ја зграби шансата го крена производството и продажбата за 85 отсто и за пола година направи профит од 10 милиони евра! 

Најголемата македонска челичарница се враќа на голема врата во лигата на македонските најпрофитабилни компании. „Макстил“ за шест месеци работење направи добивка што надмина 10 милиони евра, покажуваат официјалните податоци од финансиските извештаи што ги објави оваа компанија на Македонската берза.

Продажбата е импозантна! Во ова чудно време за проблеми со ланци на дистрибуција и снабдување, со волатилни цени на енергенси и војна на европско тло некои отвараат перспективи. „Макстил“ во овие шест месеци ја зголеми продажбата на челик за 85 отсто до 88,3 милиони евра! Во структурата на неговите приходи од продажба очекувано доминира извозот, а тоа сега е најважно за нашата ранлива и увозно зависна економија. „Макстил“ за шест месеци во земјава внесе 80 милиони евра. А тоа е многу важно за курсот на денарот.

За да ја задвижи својата масивна маршинерија „Макстил“ во првите шест месеци потроши 74,75 милиони евра – колку што изнесуваат неговите оперативни трошоци. Се разбира, убедливо најголема ставка во трошоците се суровините и другите материјали (во кои влегуваат и енергенсите н.з.) за што компанијата издвои 66 милиони евра. Важно за истакнување е дека „Макстил“ се грижи за своите вработени. За нив во првите шест месеци издвои 7 милиони евра што е 17 отсто повеќе од истиот период лани.

Оперативната добивка на друштвото за пола година изнесува 12,3 милиони евра што е 2,5 пати повеќе во споредба со претходната година. Очигледно дека светскиот глад за челик и економијата на обем за оваа индустрија го направија своето!

Дури во вакви услови ниту големите трошоци за камати не се никаков проблем иако за пола година „Макстил“ за нив плати 1,1 милиони евра камати.

Од билансот на состојба вреди да се истакне дека со пресекот на 30 јуни побараувања од купувачи пораснале за 37 отсто и достигнале 16,3 милиони евра. Потоа, да се потврди дека „Макстил“ и понатаму опстојува на стратегијата на краткорочни заеми по кои има обврски од 34 милиони евра. Неговите обврски спрема добавувачите се 35,6 милиони евра на крајот на јуни годинава.

Р. Ф.

Слично

Поврзани вести