Може ли препораките на МКГ да бидат основа за решавање на политичката криза?
Викторија Нуланд, американскиот помошник државен секретар денеска е во Скопје. Таа е на турнеја во земјите од регионот, во Скопје таа доаѓа во сред политичка криза. Повеќе од јасно е дека Нуланд во Скопје ќе испорча жестоки критики. Ќе побара итно решавање на политичката криза во која е заглавена Македонија, но клучното прашање е дали во својата актовка носи некаков договор кој би помогнал за излез од ќорсокакот.
Челичната Нуланд, која е во посета на земјите од регионот, уште пред доаѓањето во Скопје испрати порака до политичкиот врв во земјава да престанат да се расправаат и да се фокусираат на реалзиација на препораките од еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, кој пак доаѓа во земјава утре. Доколку и овој негов обид да се постигне договор е неуспешен, можно е во разрешувањето на кризата директно да се вклучи и шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, барем така пишуваат дел од медиумите.
Носи ли Нуланд договор за македонската криза?
Се очекува работите да станат појасни по денешниот ден во Скопје, по средбите на Нуланд со македонсиот политички врв. Штури се информациите околу тоа дали Нуланд доаѓа со некаков пакет за Македонија. И двете најголеми партии немаат информации дали Нуланд носи некаков договор во својата актовката особено популарно наречениот „Земи или остави“. Ако има таква опција таа повеќе од сигурно е дека нема да му се допаѓа никому. Според агендата, Нуланд во Скопје ќе престојува само неколку часа. Првата средба ќе ја има со лидерот на СДСМ Зоран Заев во 10.30.
Препораките на МКГ можни предлози на Нуланд?!
Меѓународната кризна група е една од највлијателните тинк тенк организации и препораките за излез од кризата кои ги нуди, според домашната експертска јавност, можно е да бидат дел од она што како решенија ќе ги понудат претставниците на меѓународната заедница, кои денес и утре ќе бидат во Скопје. Препораките на Меѓународната кризна група се направени со цел да се овозможи решение преку преговори кое би било прифатливо за двете страни. И препораката за нова истрага за настаните во Куманово е со цел да се расчистат сите дилеми кои останаа неразјаснети.
Меѓународната кризна група за Македонија предлага постигнување меѓупартиски договор од неколку точки:
- Формирање привремена Влада преку нормална собраниска процедура, со соодветно членство на сите главни партии, чија главна задача ќе биде да ги спроведе реформите неопходни за кредибилни избори до април 2016, (две години порано од редовниот термин) особено оние поврзани со избирачките списоци, рамноправниот пристап до медиуми и злоупотреба на функциите за партиски цели.
-Донесување закон за формирање две независни комисии(А и Б), двете со овластување да побараат и добијат активна експертска помош од ЕУ, САД и други организации. Мандатот на А треба да биде да помогне и да ги набљудува напорите на преодната влада за подготовка на кредибилни предвремени избори. Мандатот на Б би требало да биде за прислушувањето, вклучително и истрага за криминалите и корупцијата што можеби се открива со објавените разговори.
- Да се прифати дека преодната влада ќе биде на власт и нема да има предвремени избори сè додека комисијата А не утврди дека се спроведени реформите и
-Да работат на подобрување на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор со тоа што ќе обезбедат правична застапеност на Албанците во сите нивоа на власта, правични државни инвестиции во областите каде што мнозинство се Албанците и да се почитува еднаквоста на јазиците.
Инаку, меѓународната кризна група реагира обично кога се случува голема криза, а во Македонија беше многу активна пред една деценија, особено во периодот на конфликтот во 2001 година.
Експертите не очекуваат ништо спектакуларно од Нуланд
Експертите очекуваат дека Нуланд во овој момент може само да го остави во живот преговарачкиот процес, како надеж за решение во некоја блиска иднина, но таа нема инструмент да го донесе решението.
Пред неколку дена во интервју за Фактор екс амбасадорот Зеколи рече дека од посетата на Нуланд може да се очекуваат само колоритни изјави и неколку реда критики, но ништо повеќе тоа.
„Брисел е веќе небитен во нашата приказна. Мислам дека однесувањето на Комесарот Хан беше сепак од полза да конечно и јавноста разбере дека евро-бирократијата е заложник на своите кратковидости и промашени политики од кои веќе не може да се ослободи без длабоки, многу длабоки резови во своето целосно компромитирано претставништво во Скопје и надлежните за Македонија во Брисел.
Нуланд за една година, втор пат во Македонија
Нулан како помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, веќе беше во Македонија во јули минатата година. Нејзината денешна посета доби на актуелност поради барањата и очекувањата дека таа ќе се вклучи во разврската на политичката криза. Македонската јавност ја памети Нуланд откако лани од Дубровник испрати силна порака, барајќи борба против корупцијата и демократскиот регрес за да се зачуваат вредностите на трансатлантската заедница.
„Европа не може да биде цела кога клептократите ги третираат нивните држави како извор на профит за нив и нивните пријатели. Не може да биде слободна кога изборите се манипулираат, кога слободните медиуми се замолчуваат и кога малцинствата се под закана. Не може да има мир кога корумпираните политичари се служат со политички, економски и судски закани за да се задуши опозицијата и да ги ограбат нивните граѓани“, изјави тогаш Нуланд.
Р.Ф
Слично
