Чавков тврди дека Спасовски имал овластување да ги потпише договорите за работа
Заменик министерот за внатрешни работи, Митко Чавков денеска ги отфрли тврдењата на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски дека немал време, а сега и овластувања за да ги потпише договорите за работа за кандидатите кои поминале полициска обука дадени вчера по средбата со дел од нив по нивниот протест.
„За жал и овој настан го искористи за дневно политички цели, правејќи конструкции и барајќи одредени аргументи и причини зошто не биле потпишани договорите за работа со кандидатите за полицајци кои ја завршија обуката. Одговорно тврдам дека имаше и време и можности тоа да го направи во разумен временски период. Договорите кои требаше да ги потпише беа готови, изготвени технички и доставени на неговото биро на 6 април, денот кога вечерта во полноќ беше распуштено Собранието на РМ, а изборите беа распишани на 15 април. Значи Оливер Спасовски имаше девет дена на располагање да ги потпише договорите и полицајците да може да го вршат својот привправнички стаж“ - изјави Чавков.
Тој ги отфрли аргументите на Спасовски дека Владата му ги одзела овластувањата што било причина да не може да ги потпише договорите. Одговорно тврдам дека ниту едно овластување не му е поништено, туку само се поништени неговите незаконски одлуки за распределба на полициски службеници, рече Чавков.
