Чауш бара ослободување, Обвинителство го товари за виновен
Во своите завршни зборови за случајот „Фабрика за афери“ Захир Бекири – Чауш побара ослободителна пресуда и уште еднаш го потврди ставот дека пронајдените податоци во компјутер му се подметнати .
Тој во завршната главна расправа обвини дека највисокото раководство на МВР ја конструирало аферата затоа што на лице кое живее во Струмица, Мајкал Цивиќ, не сакал да му помогне да замине во Ирак да го шири шиизмот.
Од обвинителството пак ги побиваат тврдењата дека податоците во компјутерите одземени при претресот биле менувани а во писмената изјава на надлежниот јавен обвинител Наташа Гоџоска стои дека во текот на целата кривична постапка се потврдиле сите наводи од обвинителниот предлог против двајцата обвинети.
Доказите изведени во текот на главната расправа неспорно ја потврдија основаноста на поднесениот Обвинителен предлог, а со тоа и кривичната одговорност на обвинетите Захир и Имер Беќири за кривичните дела, за кои се товарат со ова обвинение, наведувајќи дека кривичната одговорност на обвинетите е утврдена со материјалните докази: Записници за претрес, Потврди за привремено одземените предмети, Вештачењата и споредбените анализи- извештаи изработени од МВР на РМ, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и Одделот за криминалистичка техника и испитувања, голем број на Известувања за извршени проверки, како и со јасните и недвосмислени искази на сведоците и вештаците со кои се надополни во целост фактичката состојба.
Се очекува пресудата за Чаушот да биде изречена утре во 9 и 30 часот.
Фото: Телма
