ЦГК: Се почесто паѓа договор за тендер „во четири очи“
Договори за јавни набавки во вредност од 21,3 милиони евра биле склучени без воопшто да се објави оглас, во третото тримесечје од 2013 година. Ова е за дури 53% повеќе во однос на вториот квартал, покажува извештајот од мониторингот што го спроведе Центарот за граѓански комуникации.
На една третина од тендерите во третиот квартал лани учествувала само по една компанија, што упатува на можни ризици овие договори да се склучени по повисоки цени од реалните, бидејќи немало конкурентен натпревар.
„Трендот на постојан раст на вредноста на парите што се трошат преку нетранспарентна постапка - преговарање без објавување на оглас бара надлежните институции конечно да преземат мерки за намалување на нивната примена“, стои во извештајот на Центарот за граѓански комуникации.
Секој четврти тендер во третиот квартал од 2013-та бил неуспешен, а најчеста причина која се наведува се несоодветни понуди. Вкупната вредност на јавните набавки во првите 9 месеци лани изнесува близу 90 милиони евра, покажува извештајот на Центарот за граѓански комуникации.
Од јануари па до септември 2013-та, 33 компании се нашле на „црната листа“ и добиле забрана да учествуваат на тендери.
Слично
