ЦГК: Над 80 милиони евра потрошени на набавки без тендер
Конкуренцијата во јавните набавки во 2013 година остана ниска. Просечниот број на добиените понуди на тендерите во текот на 2013 година, во мониторираниот примерок од 160 постапки, изнесува 2,6, а на повеќе од третина од тендерите учествува само по една фирма, заклучи Центарот за граѓански комуникации во најновиот квартален извештај од мониторингот на јавните набавки во земјава.
„Преку постапката со преговарање без објавување оглас во 2013 година се склучени 1.368 договори во вредност од околу 81 милион евра. Во 2013 година поништени се 22,7% од тендерите. Притоа, почесто се поништувале тендерите со поголема вредност од оние со вредност до 20.000 евра“, стои во извештајот.
Центарот за граѓански комуникации констатира дека и по шест години од примената на Законот за јавни набавки дел од институциите и натаму постапуваат спротивно на овој закон, а фирмите не ги знаат своите права во однос на правната заштита. Истовремено, продолжува неколкугодишниот тренд на намалување на бројот на жалби што фирмите ги доставиле до Државната комисија за жалби по јавни набавки. Секоја трета жалба на фирмите е усвоена при што доминираат решенија за целосно поништување на тендерите.
Слично
