Ценовна паника пострашна од поскапувањата – Има ли механизми против профитерството
Секоја криза за опуртунистите може да значи и „благослов“, односно идеални услови за неочекувана заработка. Во Македонија во последните денови се создаваат услови за ценовна паника, односно страв од екстремно зголемување на цените на основните продукти предизвикани од растот на цените на горивата и енергентите поради иранската воена криза.
Но, едно е да се следат берзите и надворешните инфлаторни влијанија, а сосема друго е да се посегне кон вештачко создавање недостиг за продажба по очекувани повисоки цени и неконтролирано поскапување кое може повторно да ја пламне инфлацијата во и онака кревката македонска економија која бавно се опоравува од претходните кризи.
Профитерство за време на воена, непосредна опасност или вонредна состојба е изрично забрането според македонските закони и може кривично да се одговара со запретени високи парични но, и затворски казни.

Со последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика цените на бензинот се зголемија за 5 денари, а на дизелот за 14,5 денари по литар, по претходните поскапувања на нафтата на светските референтни берзи како реакција на затворањето на Ормутскиот Теснец, клучниот поморски коридор низ кој проаѓа транспортот на околу 20 отсто од светското производство на нафта, но и поради прекинот на доставата на енергенти од земјите од Персискиот Залив кои беа вовлечени во војната со Иран која ја започнаа САД и Израел.
РКЕ ги носи одлуките еднаш неделно со пресметување на просеците од претходните денови и засега нема можност за корекција на цената пред следната седница која исто така се одржува во понеделник. Неделното одлучување за цените се носи со цел да се избегне дневното шпекулативно движење на цените и поголема предвидливост за граѓаните и бизнисите.
Сепак, Владата има инструменти за интервенција во поглед на цените, односно може да одлучи да ја намали акцизата за горива како давачка и намалување на ДДВ на продажбата на горива под стапката од 18 отсто. Со тие одлуки краткорочно би се постигнало намалување на цената на нафтата доколку дојде до екстремно високи цени предизвикани од надворешните фактори.
Исто така Министерството за енергетика порача дека има доволно државни нафтени резерви во случај на недостиг на горива предизвикано од глобалните движења кои би ги задоволиле потребите на општеството и би влијаеле и на стабилноста на цените.
Но, граѓаните немаат доволно доверба во системот поучени од кризите во последните 5-6 години, па така бевме сведоци дека на бензиските пумпи се создаде одреден метеж во обидот да се наточи гориво по старите цени, а дел од трговците со гориво ги затворија пумпите што го покрена сомнежнот дека намерно ги чуваат залихите за потоа да продаваат по повисоките цени кои ги утврди РКЕ.
Дел од приватниот сектор исто така се „заканува“ дека неминовно ќе дојде до нов бран на поскапувања, особено во транспортот за околу 15 отсто, како и во производството на храна бидејќи основен трошок за многу производи е токму влезната енергија, односно горивото.
Државните институции за заштита на потрошувачите и регулирање на пазарот, односно комисиите и инспекторатите мора да покажат агилност и решителност за да покажат дека системот функционира, а законите се спроведуваат на дело и дека нема простор за волунтаристички и опуртунистички зголемување на цените, кои потоа многу е тешко да се вратат штом се пробие психолошката бариера кај потрошувачите.
Историјата на македонските кризи ни покажа дека цените се како еднонасочна улица, лесно се качуваат под изговор на надворешните влијанија, но речиси никогаш не се враќаат на претходното ниво кога кризите се смируваат. Доколку државата сега дозволи транспортниот сектор и производителите на храна да го пресметаат „стравот“ во финалната цена, Македонија ќе се соочи со нов инфлациски скок кој ќе го изеде растот на платите и ќе го влоши животниот стандард.
Х.С.