Цените на авионските билети ќе бидат одредени од вештачка интелигенција - Ќе бидат персонализирани и прилагодени на навиките на патниците
Вештачката интелигенција сè повеќе влегува во нашето секојдневие, а според „Њујорк пост“, и авиоиндустријата почнува да прави пресврт. Лидер е американскиот гигант „Делта ерлајнс“, кој планира да користи напредна технологија за да ги одредува цените на своите билети.
Авиокомпанијата со седиште во Атланта е една од првите што јавно објави употреба на ВИ технологија во овој сегмент од своето работење. Планот започнал минатата есен, кога „Делта“ ја објави својата намера вештачката интелигенција да ја одредува цената на 1% од билетите, врз основа на износот што секој патник е подготвен да го плати. Сега, амбициите значително се зголемија.
Според информациите од „The Points Guy“, компанијата се надева дека до крајот на годината, дури 20% од цените на домашните летови ќе бидат формирани со помош на вештачка интелигенција. Целиот систем ќе биде во тест фаза од 18 до 24 месеци за да се процени неговиот успех. Доколку резултатите се покажат позитивни, овој модел ќе стане постојана практика.
Делта вели дека оваа технолошка трансформација е првенствено дизајнирана за доброто на патниците. Нивната цел, велат тие, е да понудат персонализирана цена што одговара на секој поединечен клиент.
„Ова е целосно редизајнирање на нашиот пристап кон цените. Целта е да се навлезе во начинот на размислување на нашите клиенти и да им се понуди релевантен производ, во вистинско време и по вистинска цена“, рече претседателот на Делта, Глен Хауенштајн, а објави View From The Wing.
Во суштина, авиокомпанијата се надева дека персонализираното одредување на цените ќе го зголеми задоволството и лојалноста на патниците.
Со воведувањето на технологијата за вештачка интелигенција во еден од најдинамичните сектори, прашањето е дали другите авиокомпании ќе го следат примерот на Делта. Иако компанијата ветува подобро и поперсонализирано искуство, патниците ќе бидат желни да видат дали алгоритмите навистина ќе работат во нивна корист или ќе станат само уште една софистицирана алатка за максимизирање на профитот.
