Цената на суровата нафта од типот Брент надмина 101 долар поради новите тензии меѓу САД и Иран
Цената на суровата нафта од типот Брент се искачи на 101,35 долари за барел поради повторната ескалација на тензиите меѓу САД и Иран, објави денес Интерфакс.
На лондонската берза ICE, јулските фјучерси за Брент се тргуваа по 101,35 долари за барел, што е зголемување од 1,29 долари.
Американската сурова нафта WTI забележа скок на цената на 95,86 долари за барел.
И покрај дневното зголемување, двата референтни показатели се намалени за повеќе од шест проценти за оваа недела, по претходните сигнали дека САД и Иран можеби се приближуваат кон договор.
Аналитичарите велат дека пазарот сè уште силно реагира на политичките изјави и неизвесноста околу ситуацијата во Ормутскиот теснец.
Зголемувањето на цената следеше по новите меѓусебни обвинувања меѓу Вашингтон и Техеран за воени инциденти и покрај важечкото примирје.
Иранската страна објави дека американските сили извршиле напади на југот на земјата и дека бил погоден ирански танкер во близина на Јаск, како и цивилни цели на островот Кешм и блиските крајбрежни области.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран неуспешно нападнал три американски разорувачи во Ормутскиот теснец, наведувајќи дека бродовите не биле оштетени, додека напаѓачите претрпеле загуби.
Фото: Принтскрин/Икс