Цената на нафтата се зголеми како последица на немирите во Египет
Во Египет тензиите растат и се закануваат да прераснат во граѓанска војна, што на пазарот на нафта предизвикува страв од нагло намалување на залихите на ова гориво. Поради тоа, во САД и Европа е забележан благ пораст на цената на нафтата.
Американската „лесна“ нафта за септемвриската испорака на берзата во Њујорк поскапе за 12 центи, на 107,45 долари за барел, а цената на барел нафта на Лондонската берза изнесуваше 109,77 долари, односно пет центи повеќе од претходниот ден.
Драматичните судири помеѓу приврзаниците на сменетиот египетски претседател Мохамед Морси и силите за безбедност кои резултираа со над 600 жртви, а според опозицијата со најмалку 2.000 жртви, само ја зголемија нервозата на пазарот на нафта која постои уште од почетокот на јули.
Египет, не е голем извозник на нафта, но трговците се загрижени дека бранот на насилства може да се прошири и на околината, односно на земјите кои се поголеми нафтени извозници, како и можноста патиштата за транспорт на нафта кои поминуваат преку оваа земја да бидат оштетени.
