Цената на нафтата се вивна многу високо - што го „храни“ растот?
Повторно скокна цената на нафтата.
На меѓународните пазари таа денеска се зголеми на 77 долари за барел. Ова е резултат на најавата за американски санкции на иранскиот нафтен сектор и на изјавата на саудискиот министер за можна интервенција поради раст на резервите.
На лондонската берза цената на барел се искачи за 50 центи во однос на претходниот ден и изнесува 76,67 долари за барел. На американските берзи цената порасна за 40 центи и се тргува по цена од 67,22 долари за барел нафта. Цените на нафтата и натаму ги диктираат надворешните фактори, сметаат аналитичарите.
Аналитичарката Фиона Синкота вели дека на цените на нафтата во моментот влијаат стравот и неизвесноста врзани за светската економија, отколку реалниот однос меѓу понудата и побарувачката.
Американското производство на нафта е во постојан пораст последните десет години и годинава достигна до 11,2 милиони барели дневно.
Според вчерашните податоци на американската влада, комерцијалните резерви на сурова нафта повторно пораснаа минатата недела за 6,3 милиони барели.
Саудискиот принц денеска најави дека во четвртото тромесечје повторно ќе има раст на резервите на нафта.
Инвеститорите очекуваат да стапат на сила американските санкции кон иранската нафта на 4 ноември. Големите набавувачи се колебаат да купат нафта од Иран.
Моментално по последното поскапување во земјава Еуросупер од 95 октани чини 74,5 денари за литар. Литар Еуросупер 98 се продава за 76,5 денари. Дизелот поскапе за два денари и сега неговата цена е 69 денари по литар.
