Цената на нафтата паѓа втор ден по ред, но барелот сè уште е над 100 долари
Цените на нафтата продолжија да паѓаат и денеска, втор ден по ред, откако американскиот претседател Доналд Трамп навести дека е можен договор со Иран, што би помогнало повторно да се нормализира дел од снабдувањето од Блискиот Исток.
Според Ројтерс, фјучерсите за суровата нафта Брент се намалија за 1,69 долари, односно за 1,5 отсто, на 108,18 долари за барел. Американската лесна нафта WTI падна за 1,67 долари, или 1,6 отсто, на 100,60 долари за барел. Во претходната сесија Брент падна за 4 отсто, а WTI за 3,9 отсто.
Падот доаѓа по изјавата на Трамп дека накратко ќе биде паузирана американската операција „Проект Слобода“, чија цел беше придружба на бродови низ Ормускиот теснец. Тој наведе дека се прави простор за финализирање и потпишување можен договор со Иран. Истовремено, според Ројтерс, блокадата на иранските пристаништа останува во сила.
Оваа најава ги зголеми очекувањата дека дел од заглавените бродови во Заливот би можеле постепено да продолжат со движење, што би ја олеснило состојбата на пазарот. Сепак, цените остануваат високи, бидејќи неизвесноста околу договорот продолжува, а за целосно обновување на трговските текови ќе биде потребно време.
Ормускиот теснец е една од најважните светски рути за транспорт на нафта. Пред ескалацијата на конфликтот, низ него дневно минувал околу една петтина од глобалното снабдување со нафта, според Ројтерс.
Дополнителен притисок врз пазарот создаваат и податоците за американските залихи. Според пазарни извори на кои се повикува Ројтерс, залихите на сурова нафта во САД паднале за 8,1 милиони барели во неделата што завршила на 1 мај. Залихите на бензин се намалиле за 6,1 милион барели, а залихите на дестилати за 4,6 милиони барели.
