ЦЕНАТА НА ЛЕБОТ НЕМА ДА СЕ ЗГОЛЕМИ - не се очекува раст ниту кај пченицата и маслото
Нема да се зголеми цената на лебот, рече денеска новиот претседател на Сојузот на стопански комори (ССК), Горан Ѓорѓиевски.
Како што истакна Ѓорѓиевски на прес-конференцијата, цената на пченицата е стабилна, и не се очекуваат големи флуктуации ниту во однос на суровото сончогледово масло.
Одговорајќи на новинарски прашања во врска со евентуалните нови владини мерки, Ѓорѓиевски нагласи дека бизнисот не е за замрзнување маржи, туку за пазарно формирање на цените.

Според него, треба доследно да се применува Законот за нефер трговски практики.
Во однос на минималната плата, пак, Ѓорѓиевски потенцира дека мора да има одржлив баланс кога се работи за платите. Покачувањето на минималната плата влијае на зголемување на сите останати плати.
- Проблем не е бизнисот, туку администрацијата. Треба да научиме дека треба да работиме, за да земаме плата, треба да креираме ситуација на работње во општеството - рече претседателот на ССК.
Тој што е квалитетен во приватниот сектор зема одлична плата, смета Ѓорѓиевски, а оние што не се задоволни си заминуваат.
