Цената на гасот скокна за 20 отсто во Европа
Цените на гасот во Европа скокнаа за повеќе од 20 проценти, достигнувајќи го највисокото ниво за повеќе од една година, под влијание на американско-израелскиот напад врз Иран и прекините во транзитот на енергија низ Ормутскиот теснец.
На референтната холандска дигитална берза TTF, еден мегават-час гас за испорака во април чинеше 39,84 евра наутро и беше за 24,6 проценти поскап отколку на затворањето на тргувањето на крајот од минатата недела.
За кратко време, цената се приближи до нивото од 41 евро. Гасот се тргуваше наутро по највисока цена од 14 февруари минатата година, покажуваат податоците.
Иран одговори со испукување ракети врз Израел и американските бази во голем број земји долж Персискиот Залив, вклучувајќи ги Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Катар, водечкиот светски извозник на течен природен гас.
Сообраќајот на танкери низ Ормутскиот теснец е речиси запрен, иако Иран официјално не го затворил. Осигурителите во понеделник предупредија дека нема да го покриваат превозот во поширокиот регион на Персискиот Залив.
Околу 20 милиони барели нафта и околу една петтина од пратките на течен природен гас минуваат низ теснецот дневно, главно од Катар, според податоците на Меѓународната агенција за енергија од 2024 година.
Во меѓувреме, Европската унија го суспендираше увозот на руски гас преку гасоводи, а планира да го запре и снабдувањето со течен природен гас. Во моментов, гасот главно се купува од САД, Катар и Норвешка.
