Економија, финансии, бизнис

Контакт

Цената на бензинот во САД надмина 4 долари за галон за прв пат од август 2022 година

Цената на бензинот во САД надмина 4 долари за галон за прв пат од август 2022 година

Просечната цена на обичниот бензин во Соединетите Американски Држави денес надмина 4 долари за галон (3,785 литри) за прв пат од август 2022 година, како резултат на конфликтот на Блискиот Исток кој продолжува.

Според Американската автомобилска асоцијација, просечната малопродажна цена на бензинот е 4,018 долари, што е зголемување од повеќе од еден долар од почетокот на војната, кога цената беше 2,98 долари за галон.

Војната во Иран го наруши глобалниот транспорт на нафта и гас, што се должи на речиси целосното затворање на клучниот Ормутски теснец.

Ова е раст од околу 35 проценти во споредба со периодот пред еден месец, кога започна војната во Иран. Во исто време, цените на бензинот се зголемија за околу еден долар за галон за само еден месец. Експертите предупредуваат дека нема знаци за непосреден пад на цените бидејќи Ормутскиот теснец, низ кој минуваат околу 20 проценти од светските залихи на нафта, останува затворен за повеќето бродови, дополнително оптоварувајќи ги глобалните залихи.

Во меѓувреме, цените на нафтата се искачија на повеќе од 100 долари за барел, што директно влијае на цените што потрошувачите ги плаќаат на бензинските пумпи.

Калифорнија е лидер во цените

Просечната цена на обичниот бензин сега е 4.018 долари за галон, средниот 4.541 долари, премиум 4.904 долари, додека дизелот достигна 5.454 долари за галон. На Западниот брег, цените се уште повисоки, па така во Калифорнија, еден галон обичен бензин чини 5.887 долари. Најниските цени се во Оклахома, каде што просекот е 3,272 долари за галон.

Пред еден месец, просечната цена на бензинот беше 2,98 долари, а пред една година, беше 3,17 долари за галон.

Последен пат цените на национално ниво достигнаа 4 долари за галон во 2022 година, по почетокот на руската инвазија на Украина. И покрај сегашното зголемување, цените се уште се под рекордните 5,03 долари за галон забележани во јуни истата година.

Кој е виновен за зголемувањето на цените?

Според анкетата на „Морнинг консалт“, 48 проценти од Американците го обвинуваат американскиот претседател Доналд Трамп и неговата администрација за зголемувањето на цените на горивата. 16 проценти ги обвинуваат компаниите за нафта и гас, 13 проценти ги обвинуваат глобалните пазари, а 11 проценти го обвинуваат поранешниот претседател Џо Бајден.

Анкетата на „Ројтерс/Ипсос“ покажува дека 87 проценти од испитаниците очекуваат понатамошно зголемување на цените ако војната продолжи, додека 55 проценти велат дека повисоките трошоци за гориво веќе делумно влијаеле врз буџетите на домаќинствата.

Фото: Принтскрин/Икс

Слично

Поврзани вести