Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЦЕНАТА НА АЛУМИНИУМОТ РАСТЕ НА БЕРЗИТЕ: Лименки, делови од прозорци, еве што носат граѓаните во отпадите...

ЦЕНАТА НА АЛУМИНИУМОТ РАСТЕ НА БЕРЗИТЕ: Лименки, делови од прозорци, еве што носат граѓаните во отпадите...

На берзите цената на алуминиумот се зголемува, а во отпадите во Македонија, граѓаните носат лименки, алуминиумски делови од мебел и од автомобили. Цените за килограм се до 90 денари. На берзите месецов, тон алуминиум чинеше над 3.100 долари.

„Максимум 90 денари чини килограм алуминиум. Луѓето собираат лименки, исто алуминиумот го има во профили од старите прозорци, во бандаши од автомобили. Има луѓе што носат од 5 па до 100 килограми алуминиум. Претходно алуминиумот беше нешто поевтин. Цените зависат од берзите“, велат од отпад во главниот град.

Цената на алуминиумот глобално се искачи на највисоко ниво во последните три години, но може да се зголеми дополнително, бидејќи привлекува внимание како замена за бакарот.

„Цената за килограм алуминиум се движи од 60 до 90 денари. Цената зависи од чистината на металот. Најниска класа е лименката, а најскап е алуминиумот од вратите, тој е најчист. Луѓето треба да го вадат металот од делови од мебелот и тоа им отежнува да го продадат. Сега слабо оди со алуминиумот, порано луѓето носеа многу, ама тоа беше пред 15 години. Лименки, профили и алуминиум од автомобили, тоа е тоа што го откупуваме“, додаваат од битолски отпад.

Иако бакарот е фаворит во повеќе сектори благодарение на неговата одлична спроводливост, неговото поскапување во текот на изминатите пет години отвори простор за побарувачката на алуминиумот. 

„Од 75 до 90 денари е цената за килограм алуминиум кај нас. Оној алуминиум што го има во делови од врати е поскап и за него исплаќаме 90 денари“, додаваат од отпад во Прилеп.

Но, не сите отпади во земјава се занимаваат со откуп на алуминиум, тоа го прават само дел од нив.

Најголеми производители на алуминиум во светот се Индија, Русија, Канада и Обединетите Арапски Емирати. Алуминиумот го користат во индустриите за транспорт, во градежништвото, во пакување (конзерви, фолии) и во електрониката. Пред две години имаше прогнози од експерти дека цената на овој метал ќе расте, но и дека рециклирањето на алуминиум не само што е поевтино, туку е и многу помалку енергетски интензивно од примарното производство.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести