Цементарница „Усје“ остварила нето добивка од 10 милиони евра за првото полугодие
Скопската цементарница „Усје“, која е дел од интернационалната групација „Титан“, за првите шест месеци остварила нето добивка од 617,9 милиони денари (10 милиони евра), покажуваат податоците од неревидираниот консолидиран извештај на таа компанија за првото полугодие годинава. Со овој резултат „Усје“ е компанија што го зазеде второто место според најголем остварен профит веднаш зад гигантот „Македонски телеком“.
Цементарницата во првата половина од годинава убедливо е попрофитабилна од трите најголеми македонски банки и од фармацевтскиот гигант „Алкалоид“, кои се синоними за успешни компании. Успехот на „Усје“ е за почит, особено ако се има предвид податокот од билансот дека во првите шест месеци приходите на компанијата се намалиле повеќе од 270 милиони денари заради падот на продажбата на домашниот пазар,објави порталот „МКД“.
Во споредба со лани, „Усје“ годинава има пад на добивката за 2 милиони евра. Лани за првото полугодие компанијата имала нето добивка од 12 милиони евра во услови кога приходите од продажба изнесувале 2,1 милијарди денари, што е 13 отсто повеќе од приходите во првите шест месеци годинава.
Компанијата во овој период драстично ги зголемила обврските кон добавувачите, покажуваат податоците од билансот на состојба. За првите шест месеци нивниот долг по оваа основа е 747,7 милиони денари, а во истиот период лани бил понизок за 304 милиони денари и изнесувал 443,5 милиони денари. Во истиот период пораснале и побарувањата на „Усје“ од своите клиенти, но во многу помал износ. Тие се зголемени за 28 милиони денари и изнесуваат вкупно 320 милиони денари и бележат зголемување од 10 отсто. Наспроти нив, обврските на „Усје“ пораснале за 69 отсто, односно за 304 милиони денари, објави „МКД“.
