Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПОСТРОГИ УСЛОВИ ЗА ТЕХНИЧКИ ПРЕГЛЕД, ЕВИДЕНЦИЈА НА ТЕЛЕКОМУНИКАЦИСКИТЕ МРЕЖИ: се менува Законот за градење

ПОСТРОГИ УСЛОВИ ЗА ТЕХНИЧКИ ПРЕГЛЕД, ЕВИДЕНЦИЈА НА ТЕЛЕКОМУНИКАЦИСКИТЕ МРЕЖИ: се менува Законот за градење

Со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градење, поднесен по скратена постапка, се предлага воспоставување поефикасен систем за евиденција на електронските комуникациски мрежи и средства во катастарот на недвижности и инфраструктура, како и прецизирање на условите за вршење технички преглед на градби.

Целта на предложените решенија е да се обезбеди целосна и ажурирана слика за тоа каде се наоѓаат сите електронски комуникациски мрежи и средства, што ќе овозможи нивно поефикасно, полесно и побрзо одржување. Воедно, ваквата евиденција треба да спречи евентуални штети при идно градење или поставување опрема на локации каде веќе постои телекомуникациска инфраструктура.

Измените се надоврзуваат на веќе донесените Законот за градење и Законот за електронските комуникации, кои ќе започнат да се применуваат од 1 јуни 2026 година, како дел од усогласувањето со европското законодавство. 

Со новите решенија се заокружува законската рамка во насока на поголема ефикасност, економичност и координација меѓу операторите на електронски комуникациски мрежи и органите на државната управа.

Со член 1 од Предлог-законот се предвидува воспоставување целосна евиденција на градбите и опремата од областа на електронските комуникации, кои претставуваат објекти од јавен интерес. Преку воведување специфична постапка за одобрение за употреба и нивен упис во катастарот, ќе се обезбеди јасно и точно утврдување на нивната местоположба. Ова ќе овозможи поефикасно планирање на идни инфраструктурни зафати и користење на веќе постојните мрежи и средства.

Со член 2 се дополнува членот 89 од Законот за градење, со што се дорегулираат условите што треба да ги исполнуваат лицата кои вршат технички преглед на градби, особено во однос на видот и годините на работно искуство. Предвидено е Комората на овластени архитекти и инженери да доставува предлог-листа на експерти, согласно видот и категоријата на градбата и нивното специфично искуство и референци. Дополнително, во зависност од видот на градбата, како членови на Комисијата за технички преглед ќе можат да бидат вклучени и лица од соодветните органи на државната управа.

Со член 5 се воведува рок за формирање на новите комисии за технички преглед согласно заострените услови, како и рок до кога ќе функционираат постојните комисии. Член 3 предвидува техничка измена во членот 90-в од Законот за градење, со цел усогласување на нумерацијата на ставовите по измените во членот 89.

Со предложените измени се очекува подобрување на транспарентноста, ефикасноста и координацијата во областа на градењето и електронските комуникации, во согласност со европските стандарди и современите процеси на дигитализација.


Слично

Поврзани вести