Цел камион фалсификувани дезодоранси и тоалетни води на „Богородица“
Според Царинската управа, камионот со турски регистарски таблички го управувало лице со турско државјанство и бил натоварен со збирна стока од Турција. Стоката била наменета за фирма увозник од Косово, а требало само да транзитира низ Република Македонија. Со транзитна декларација биле пријавени козметички препарати - дезодоранси и тоалетни води.
Но, цариниците се посомневале затоа што транспортерот од Турција минатата година се обидел да пренесе над 40 илјади парчиња фалсификуван лак за коса, кои веќе се уништени. Ова било доволно за цариниците да го селектираат камионот за преглед и во него нашле дезодоранси и тоалетни води со лого на заштитени трговски марки.
Поради основано сомневање дека откриената стока повредува права од интелектуална сопственост, таа привремено е задржана, а ќе биде поведена и постапка за утврдување на нејзината оригиналност.
Вредноста на дезодорансите и тоалетните води доколку би се продавале како оригинали би достигнала девет милиони денари, соопшти Царината.
