Цел кабинет на Жерновски е на улица, МТСП вели – нема ништо спорно
Уште 14 вработени во општина Центар од денеска останаа без работа, откако Владата и ја одзеде дозволата на Агенцијата за привремени вработувања преку која беа ангажирани, се пожали градоначалникот Андреј Жерновски.
Невработени остануваат економисти, правници и магистри, архитекти и градежни инженери, геодети и социјални работници.
“На улица остануваат оние луѓе со кои успеавме во изминатите 8 месеци долгот наследен од претходното раководство да го намалиме за 63,3 %, со кои двојно се зголеми бројот на решените предмети за легализација за разлика од претходниот период“, рече Жерновски.
Претходно, од истите причини општината мораше да отпушти уште 32-ца службеници. Кабинетот, рече Жерновски, е комплетно на улица и неколку раководители на сектори не можат да си ги извршуваат дневните задачи.
Според Министерството за труд и социјална политика, наводите на градоначалникот на општина Центар се неосновани и невистинити и тенденциозни. Лиценцата на агенцијата за привремени вработувања е одземена поради непочитување на законот за агенции за привремени вработувања и незаконско работење и нема апсолутно никаква друга поврзаност, велат од МТСП.
Слично
