ЦЕЛ ДЕН НА КОМИСИЈА НЕ МОЖЕ ДА ПОМИНЕ НЕДЕЛА НЕРАБОТЕН ДЕН - МТСП бара пратениците од опозицијата да не ја кочат расправата
Министерството за труд и социјална политика апелира до пратениците од опозицијата да не ја кочат собраниската процедура за Предлог-законот за изменување и дополнување на работните односи, со кој се дефинира дека недела е ден на неделен одмор.
„За жал, во текот на целиот ден, на Комисијата за труд и социјална политика, поради процедурални забелешки, не беше овозможено да се отвори расправа за Предлог-законот, кој работниците го очекуваат и кој треба да почне да се применува од први октомври оваа година“, велат од МТСП.
Овој Предлог закон овозможува над 92 проценти од вработените да одмораат во недела и со тоа да создадат рамнотежа меѓу приватниот професионалниот живот.
„Дополнително, законското решение кое е на второ читање во матичната собраниска Комисија за труд и социјална политика, за малиот процент работници кои ќе работат во недела гарантира дополнителни најмалку 50 проценти повисока дневници и слободен ден. Од овие причини, од исклучително значење е пратениците и од владејачкото мнозинство и од опозицијата, да бидат конструктивни и да дејствуваат во интерес на граѓаните. Потсетуваме дека Предлог-законот за изменување и дополнување на работните односи, беше подготвен низ една широка и конструктивна дискусија и доби силна поддршка и од претставниците на работниците и на работодавачите“, соопштија од Министерството за труд и социјална политика.
