Цел ден молк од раководството на „Дрекселмаер“ за штрајкот во Кавадарци
Раководството на фабриката на „Дрекселмаер“ во Кавадарци цел ден молчи за штрајкот на вработените во овој индустриски капацитет. Фактор неколкупати во текот на денот се обиде да стапи во контакт со директорот Ѓорѓи Тренковски, но тој постојано испраќаше СМС порака дека е зафатен и оти ќе се јави подоцна.
Неофицијално, раководството на фабриката одлучило да не излегува со никаква реакција на штрајкот во медиумите, додека за тоа не добие дозвола и инструкции од централата во Германија, објавија локалните медиуми во Кавадарци.
Штрајкот на работниците во „Дрекселмаер“, кој започна ноќеска во третата смена, продолжи и денеска. Вработените се незадоволни затоа што не им биле исплатени дневници за прекувремена работа за велигденските празници.
„Ни беше понудено да работиме за велигденските празници, а за тоа да ни биде исплатена празнична дневница од 2200 денари и плус вредносен ваучер од 1500 денари. Единствено ни беше поделен вредносниот ваучер, а ветениот бонус од 2200 денари не го добивме“, се жалеа денеска вработените во „Дрекселмаер“.
Според нив овој штрајк е само предупредување за подобрување на условите за работа во фабриката, во која работат околу 4.000 луѓе, најмногу од Кавадарци, Велес и околните места. Просечната плата во „Дрекселмаер“ е едвај нешто повисока од минималната - изнесува околу 9.000 денари. Со прекувремена и работа во викенди, најупорните стигнувале и до плата од 15.000 денари, објави кавадаречката телевизија КТВ.
Ниските плати што ги нуди германскиот инвеститор во Кавадарци, предизвикаа реакции во јавноста уште кога „Дрекселмаер“ ги објави првите огласи за вработување во Македонија. Компанијата тогаш тврдеше дека се работи за техничка грешка во огласите и дека на своите работници не им нудат минимална плата.
АРХИВА: Германски Дрекселмаер бара работници. Нуди плата 8.050 денари?!
ФОТО: КТВ
Слично
