Економија, финансии, бизнис

Контакт

Царството на Субрата: во светот пропаѓа, во Македонија забрзано се гради!?

Царството на Субрата: во светот пропаѓа, во Македонија забрзано се гради!?
Имотот на бизнисменот Субрата Рој не се распродава бидејќи е замрзнат, велат од претставништвото на “Сахара Индиа Паривар”  во Македонија. Од таму коментираат дека Врховниот суд во Индија сеуште не донесол конечна одлука дали ќе го прифати предлогот на Рој за кауцијата за излез од затвор да ја плаќа на рати. Индискиот Врховен суд начелно одлучувал, но во петок ќе има конечна одлука дали бизнисменот ќе биде ослободен од затвор. Врховниот суд вчера донел т.н. резервирана одлука, која во принцип значи дека судиите сакаат уште еднаш да ги разгледаат сите факти во овој случај и добро да размислат. Ако одлуката се прифати, Рој ќе мора во рок од три дена да уплати околу 415 милиони долари, а уште 2.500 крори (415 милиони долари), како и банкарска гаранција за преостанатите 5.000 крори (околу 830 милиони долари) да достави во следните 60 дена. Во меѓувреме дел од индиските медиуми пренесоа дека имотот на бизнисменот Рој веќе се распродава и дека на тој начин ќе се обезбедат потребните 1,7 милјарди долари кауција. Според пишувањата во индиските медиуми, компанијата Сахара груп , продала 42 хектари градежно земјиште во близина на местото Шела кај Ахмедабад, за речиси 100 милиони американски долари. Вредниот имот бил продаден за речиси половина од цената на која што го проценува, а го купила индиската групација „Сафал“. Вредниот имот според пишувањата на индиските медиуми, бизнисменот Рој го го купил кон крајот на 90-тите години и таму било планирано да се изгради населба со 4.000 куќи, за што Сахара груп веќе започнала да собира и резервации од потенцијални инвеститори, но компанијата не успеала да го изгради комплексот до 2007 година, како што се обврзала. Случувањата во Индија не ги засегаат инвестициите во Македонија Од претстваништвото на “Сахара Индиа Паривар” во Македонија велат дека ваквите случувања со бизнисменот Рој во неговата матична земја, нема да влијаат врз инвестициите што бизнисменот ги најави во Македонија. - Инвестициите се одвиваат според зацртаниот план и динамика. Во Џумајлија веќе во полн ек се одвива втората фаза за копањето бунари за подземните води, и целата инвестиција е според зацртаниот план на реализација, велат за Фактор од преставништвото на “Сахара Индиа Паривар” во Македонија. На почетокот на минатиот месец кога бизнисменот Рој беше уапсен, министерот за странски инвестиции Бил Павлески изјави дека проектите на Рој во земјава остануваат и покрај тоа што тој е уапсен. Павлески изјави дека Владата будно го следи развојот на настаните во Индија, иако верува дека случајот со индиецот нема да му наштети на имиџот на земјава пред сериозните странски инвеститори. - Ние сериозно ги гледаме работите што се случуваат, а посебно делот на бизнисот што ќе се спроведе овде кај нас. Меѓутоа тие работи треба да се докажат во матичната земја каде што се случуваат и секако не влегуваме во некои работи кои што не треба да се направат, така што сериозно ги следиме настаните што таму се случуваат, изјави Павлески минатиот месец. Индискиот бизнисмен Рој во земјава  најави инвестиции во вредност од речиси 3 милјарди евра. Според најавите 1,6 милјарди евра во млечниот бизнис, а остатокот во хотелски комплекс во Охрид. Субрата Рој го купи пропаднатиот агрокомбинат Џумајлија. Вредноста на инвестицијата е 211 милиони евра. Според договорот компанијата на бизнисменот Рој е должна во следните три години да набави 20.000 грла крави. На земјиштето од околу 6.000 хектари е предвидено да се произведува добиточна храна, изградба на фарми и на регионална млекарница во која дневно ќе се произведува 80.000 литри млеко. Бизнисменот Рој најави и милионска инвестиција во хотелски комплекси во Охрид, поточно во Љубаништа. Освен овие инвестиции,  индискиот бизнисмен најави и дека еден од главните проекти и инвестиции ќе биде големата филмска продукција со индиско потекло. Ј.С.
Слично

Поврзани вести