Царина со највеќе нововработени во 2020, иако со пад на повеќе од 140 милиони евра во наплатата
Царинската управа на последниот ден од 2020 вработила 118 нови лица на огласот кој беше објавен за 119 работници. Во Царина инаку на крајот од мината година имало 1.167 вработени лица, вели деталниот годишен извештај на управата.
Според огласот кој беше објавен, објаснувањето за овој голем број на нововработени беше, како што велат, привремено зголемен обем на работа до крајот на следната 2021 година. На истиот се бараше советник за односи со јавност во Служба за односи со јавност, но и многу други советници, цариници и наплатувачи на граничен премин.
Паричен износ на основна нето плата за работно место: шеф на служба за проекти – изнесуваше 35.826 денари, самостоен советник за заштита на права од интелектуална сопственост, самостоен советник – аналитичар, самостоен советник за сметководство, самостоен советник за плаќање и самостоен советник за цариннски надзор – 34,114 денари, самостоен советник за раководење со проекти – 37.538 денари, советник за односи со јавност, советник за проекти и стратегија и советник за апликативна поддршка – 32.391 денари, инспектор за финансиски истраги – 28.967 денари, водител на смена - 35.173 денари, виш цариник – 32.729 денари, цариник 24.336 денари, оператор – 28.967 денари, административен оператор – 25.543 денари и наплатувач – 17.843 денари.
Со избраните кандидати бил склучен договор за вработување на определено време до 31.12.2021 година.
Инаку во 2020 Царината остварила приход од 83 милијарди денари, но во однос на претходната 2019, забележан е пад од 9,5 отсто. Станува збор за пад во наплатата од 143 милиони евра. Падот е помал и во однос на 2018 за 4,5 отсто.Намалување на приходите се забележани и кај класичното царинење и кај наплатата на ДДВ и на акцизата.
А.К.
