Економија, финансии, бизнис

Контакт

Буралиева по третпат се премисли – сепак влегува во Собранието

Буралиева по третпат се премисли – сепак влегува во Собранието
Пратеничката на СДСМ Љубица Буралиева дефинитивно останува во Собранието. Таа ја повлекла својата оставка и веќе два дена оди на работа во својата канцеларија во законодавниот дом, иако уште ги бојкотира седниците. „Ја повлеков оставката и влегувам во парламентот. Одлука на партијата е дали ќе ме исклучи од своите редови. Јас сум и понатаму член на СДСМ, член со долг стаж, но без каков било багаж што ме обврзува да не размислувам самостојно. Впрочем, верувам дека како такви, нови лица, сме ставени на пратеничките листи на СДСМ не само како класични партиски војници со ,„разбирам“ во демократскиот вокабулар. Свесна сум дека има различни размислувања за моето учество во работата на Собранието, но јас ја барам демократијата во мојата потесна средина за да можам да се залагам за такво нешто и во законодавната институција, од каде што гласачите и во руралните средини можат да ја слушнат гласноста на избраниот“, изјави Буралиева за „Дневник“. Иако повлекувањето на својата оставка го најави заедно со уште една пратеничка - Солза Грчева, во последните недели нивните активности мируваа. Од матичната партија СДСМ изјавија дека двете пратенички воопшто официјално не ги известиле дека ги повлекуваат депонираните оставки. И самите Буралиева и Грчева даваа спротивставени изјави за тоа дали дефинитивно се враќаат во Собранието.. Потегот на Буралиева сега дефинитивно ја враќа во собраниските клупи, каде што ќе и прави друштво на Роза Топузова-Каревска од ЛДП, која од старт одби да го следи повикот на партиите што ја кандидираа и да поднесе оставка. За разлика од Топузова-Каревска која беше разрешена од партиските функции но остана членка на својата партија, Буралиева не е заштитена од исклучување, затоа што Статутот на СДСМ тоа го дозволува. И покрај инструкциите на својата партија НДП, мандатот го прифати и пратеничката Мирсада Асани, која исто така не ја испочитува одлуката за бојкот на Собранието.
Слично

Поврзани вести