Економија, финансии, бизнис

Контакт

Бунт на лозари во Кавадарци придружувани од Митко Јанчев, „Тиквеш“ го прекина откупот

Бунт на лозари во Кавадарци придружувани од Митко Јанчев, „Тиквеш“ го прекина откупот

Седумстотини лозари синоќа протестираа во Кавадарци, поради прекинот на откупот на грозјето од страна на винарската визба „Тиквеш“. На протестот присутен беше и градоначалникот Митко Јанчев, заедно со неколку пратеници од овој регион, кој рече дека сортата „Вранец“ била девалвирана иако се работи за квалитетно грозје со добра берба оваа година.

-Срамота е ова што му се прави на лозарот, ако имало неколку манипулатори дали тоа значи дека треба да се удри по грбот наш и да го фрлиме родот. Цел ден чекаме пред винаријата, грозјето почна да тече од приколките, викаа лозарите.

Градоначалникот Јанчев ги повика сите советници од регионот како и градоначалници, пратеници и министерот за земјоделство, Аријанит Хоџа да дојдат денеска во неговиот кабинет на средба во 11 часот.

- Жални се сликите кои ги гледам, урнатата ограда, и полицијата којашто стои пред лозарите. Апелирам сите надлежни да се појават на средбата бидејќи бербата е во тек и да не им се прави штета на земјоделците кои чесно си го заработуваат своето парче леб, порача Јанчев.

Од „Тиквеш“ велат дека биле доведени во ситуација привремено да го прекине откупот, затоа што поединци насилно и на највулгарен начин го блокирале влезот во винарницата и притоа нанеле материјална штета, велат од визбата.

„Тие всушност се обиделе да манипулираат со квалитетот на грозјето кое имале намера да го предадат во „Тиквеш“. Имено, грозјето што сакале да го предадат за откуп било со многу понизок квалитет и воопшто не одговарало на мострите кои претходно ги презентирале, со што при стручната проценка на квалитетот ова грозје немало соодветни карактеристики за од истото да се произведе ниту вино ниту дестилат а со тоа не можело да ја постигне цената која тие ја очекувале.

Винарската визба „Тиквеш“ останува децидна во својата определба дека нема да прави никаков компромис со квалитетот на грозјето што го откупува, затоа што од тоа зависи квалитетот на вината што ги произведува кој секогаш мора да биде врвен“, велат од таму.



Слично

Поврзани вести