Бундестагот ќе гласа во среда за спасувачката програма на Грција
Германскиот парламент ќе гласа во средата (19-ти август) дали да ја одобри новата програма за финансиска помош за Грција. Ова го соопшти денеска портпаролот на парламентот, цитиран од ДПА.
Доцна синоќа Еврогрупата даде "зелено светло" за третата спасувачка програма. Министрите за финансии на еврозоната ги донесоа договорените услови на експертско ниво за доделување на кредити во вредност до 86 милијарди евра, вклучувајќи штедење и реформи на различни нивоа.
При гласањето во Бундестагот со интерес ќе се проследи колку пратеници од конзервативниот блок ќе одбијат да ја поддржат линијата на канцеларот Ангела Меркел. Се очекува нивниот број да се зголеми. Во јули 60 пратеници од ХДЗ / ЦСУ гласаа со "не", кога парламентот решаваше дали да бидат започнати преговорите со Грција.
Новиот помошен пакет за Грција не одговара на реалноста, договорот меѓу Атина и нејзините кредитори не е веродостојно. Ова го изјави шефот на Минхенскиот економски институт Ifo Ханс-Вернер Зин во интервју за германскиот весник "Билд".
"Договорите се комплицирани за разбирање купишта од многубројни детали и нејасни формулации", коментира Зин.
Во програмата има малку барања кон Атина за намалување на трошоците, а наместо нив се вклучени многу очекувања за тоа како во иднина грчката држава ќе може да си ги собира даноците, иако не успеа да го направи тоа во претходните години, нагласува тој.
