Економија, финансии, бизнис

Контакт

Булдожер стратегија на маркет-мејкери ја крена цената на „Макпетрол“ 11,4 отсто?

Булдожер стратегија на маркет-мејкери ја крена цената на „Макпетрол“ 11,4 отсто?
„Макпетрол“ за три дена наби 2.000 денари раст за акција. Истргувани се 0,5 отсто од сите акции, а цената е вратена на ниво од 19.500 денари. Има ли нешто конкретно? Или е уште една игра на нашите маркет-мејкери? „Макпетрол“ го зеде приматот најтргувана акција во изминатава седмица на Македонската берза за хартии од вредност. Прометот со таа акција достигна 11,3 милиони денари, што навистина е реткост на нашиот пазар на капитал кога е во прашање таа акција. Значајни количества истргувани акции и голема активност, крајно невообичаена за таа акција, и тоа вторникот и средата. Прво, во вторник нс отворањето на тргување на просечна дневна цена од 17.518 денари се истргуваа 299 акции. Тоа беше сигнал за сите инвеститори своето внимание да го свртат кон „Макпетрол“. Идниот ден, за некои очекувано, а за некои и планирано, цената на таа акција отиде на 18.887 денари (просечна дневна цена) , што беше раст од 7,5 отсто за еден трговски ден. Прометот беше 247 акции и сега веќе целосно фокусот на инвеститорската јавност беше трговскиот џин - „Макпетрол“. Ефектот на маркет-мејкерите е постигнат. Рајата се загрева и влегува во приказната. „Макпетрол“ достигнува цена од 19.680 денари со промет од 47 акции, а последниот трговски ден акцијата минимално паѓа на 19.500 денари со помал промет од реализацијата од претхониот ден – истргувани биле 27 акции. Како и да е, ефектот е постигнат. Се зборува за „Макпетрол“, а и цената на акцијата е вратена на маргината 19.500 денари, порасна за 2.000 денари за четири трговски дена. Со оглед на приликите на нашиот пазар на капитал сега може да се очекува дека таа акција и некое време, и покрај слабите финансиски резултати и континуираниот пад на пазарно учество и загуба во работење, ќе остане над трговската маргина од 19.000 денари за акција. Но оваа седмица што измина остави дилема: дали се работи за класично „спинување“ на цената од некои маркет мејкери или пак некој купи солидна количина на цените од 17.500 денари и 18.880 денари за акција. Затоа што во двата дена се истргувани 0,5 отсто од акциите на таа компанија. Иако изгледа дека станува збор на спинувата приказна не смее да се исклучи и опцијата дека некој сепак го зголемил своето учество во гигантот за 0,5 отсто. Тоа не е мала количина со оглед на релативно дисперзираната сопственичка струкура во таа компанија. Од другите акции на подсегментите „котација“ и „суперкотација“ треба да се истакне дека „Комерцијална банка“ втора седмица по ред е акција со поголем обем на тргување од „Алкалоид“. Акцијата на банката направи реализација од 8,15 милиони денари (55 отсто повеќе) од прометот о претходната седмица. Цената на банката и понатаму околу маргината од 1.800 денари за акција овој пат од 1.849 до 1.810 денари. Наспроти таа акција, „Алкалоид“ оваа седмица со промет од 6 милиони денари (30 отсто повеќе во споредба со претходната трговска седмица) постигнат во ценовна маргина од 5.200 до 5.100 денари за акција. На подсегметот „задолжителна котација“ најактуелна и понатаму акцијата на „НЛБ Тутунска банка“ со реализација од 4 милиони денари ( за 0,6 милиони денари повеќе од претходната седмица) во веќе стабилизирана ценовна маргина од 6.400 до 6.120 денари за акција, секако стимулирана од вестите за дивиденда во нето износ од безмалку 500 денари за акција. Втората „ѕвезда“ на овој сегмент оваа седмица беше обичната акција на скопска „Стопанска банка“ акција што се загрева сега во очекување на позитивни вести за дивиденда. Веројатно дека скокот на нејзината цена оваа седмица од 315 денари до 369 денари и последната цена од 350 денари за акција се резултат на очекувања за ценовен раст и за објава на дивиденда на обичната акција што би се случило за прв пат во 70 годишната историја на таа банка. Или пак се работи за уште еден спин на групичка „маркет-мејкери“? Останува да видиме...
Слично

Поврзани вести