Бујар Османи: 50-те милиони евра од Вархеји ќе ги искористиме за справување со кризата
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска рече дека 50-те милиони евра од Европскиот парламент, кои што за нашата земја ги побара еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји, надвор од планираниот пакет, ќе се пренаменат и ќе бидат искористени за борба против корона вирусот.
Тие пари беа првично за развој за регионот, транспорт, животна средина и дијаспора, но сега директно ќе се реалоцираат за менаџирање со ситуацијата со вирусот Ковид-19. Вицепремиерот очекува утре да се знае кога парите ќе бидат префрлени во Македонија.
- Вчера Секретаријатот подготви писмо до комесарот Вархеји во кое е известен дека помошта се одобрува од страна на нашата влада. Тоа е награда од ЕУ за успешно менаџирање со фондовите, како што е ИПА. Но дел ќе се пренаменат за менаџирање на пандемијата со Ковид-19. Дополнително, побаравме од Комисијата за финансиска поддршка на ликвидноста и од Банката за обнова и развој брзи заеми за време на доспевање до една година за малите и средни претпријатија. Побаравме и измена на миниминалните критериуми за искористување на средствата на ИПАРД 2 - програмата Побаравме и да бидеме исклучени од рестрикциите кои ги најави Европската Комисија за заштита на стабилноста на единствениот европски пазар а кои што се однесуваат најмногу на медицинска опрема и средства за работа, рече денеска Османи.
Тој рече дека како земја која наскоро ќе влезе во преговори со ЕУ имаме право на Европскиот солидарен фонд, формиран 2012 после поплавите низ Европа и од кој до сега земјите-членки искористиле 5 милијарди евра.
- Очекуваме да се потврди оваа одлука и да влеземе во тој фонд, додаде Османи.
Вицепремиерот дополнително информираше дека синоќа норвешката влада донела одлука да одобри 3,2 милиони евра за брза набавка во рок од една недела на медицински набавки за Србија, Македонија и Црна Гора, за што македонската влада треба на седница да одлучи како ќе го искористи својот дел.
