Бугарскиот вицепремиер Дончев потврди дека Македонија има интерес за нуклеарната централа
Бугарскиот вицепремиер Томислав Дончев за Би-Ти-Ви изјави дека процедурата за избор на инвеститор во нуклеарната централа „Белене“ ќе биде објавена овој месец, а во истата ќе има простор да учествува и Македонија како сосед кој има таков интерес.
- Сопственоста ќе се состои од три компоненти. Едниот дел ќе биде на бугарската држава како домаќин, вториот дел ќе биде на стратешкиот инвеститор (мислејќи на рускиот „Росатом“ и имаме идеја да има уште еден дел кој ќе преостане за сите останати заинтересирани страни да вложат во проектот. Веќе две балкански страни - Македонија и Србија, покажаа принципиелен интерес за учество во потфатот. Тие би можеле да бидат содружници во таа трета компонента - изјави Дончев.
Бугарија уште претходната деценија упати покани до соседните земји да се вклучат во изградбата на АЕЦ Белене, за возврат нудејќи струја од нуклеарната цена по повластени цени.
Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, пред два месеци за „Фактор“ потврди дека размислува македонската Влада да закупи дел од бугарската нуклеарна централа „Белене“ и на тој начин долгорочно да ги осигура снабдувањето и конкурентноста на пазарот на електрична енергија.
Ова Анѓушев го потврди во заедничкото интервју за „Фактор“ со Бранко Азески, претседателот на Стопанската комора на Македонија на прашањето кога земјата ќе добие национална берза на која на почеток електричната енергија ќе се тргува ден-однапред.
- Во енергетиката не може да има прогрес без да се има долгорочна стратегија. Ние во моментов ја немаме, ама се изработува. Увозно сме зависни енергетски, а дома произведуваме само електрична енергија. Немаме нафта, гас, а немаме ни јаглен во бесконечни количини. ЕЛЕМ на времето призведувал седум тераватчасови електрична енергија сега произведува 4,2 терватичасови на годишно ниво. За Македонија најлогично беше да се поврзе со Бугарија. Откако ќе направиме „каплинг“, Македонија ќе има поевтина енергија и тоа ќе биде добро за сите компании. Би било паметно и да си закупиме ресурс. Тука го гледам „Белене“, нуклеарната централа како опција. Ако најдеме сила можеме да станеме и сопственици на тој дел. Со „каплингот“ тоа нема да биде ни проблем - рече тогаш Анѓушев.
