Бугарскиот министер Сабев прв патник на директната авионска линија Скопје - Софија
Бугарскиот министер за транспорт и врски Николај Сабев ќе биде првиот патник од Софија до Скопје, директна авионска линија која се воспоставува на 11 февруари.
Сабев, придружуван од бугарските тур-оператори, ќе оствари заедничка средба со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој очекува оваа авиолинија да ги поврзе двата главни градови и да започне редовно да оперира од почетокот на месец март.
Тур - операторите од двете земји ќе понудат и трета дестинација, екстензија од летот Софија - Скопје.
„На 10 февруари во Софија ќе имам работна средба со министерот Сабев, заедно со нашите тимови од Комисијата за транспорт и инфраструктура, а веќе наредниот ден на 11 февруари, ќе се реализира првиот лет Софија – Скопје, каде министерот, со бугарските тур-операторите ќе пристигнат во Скопје. На заедничката средба тука кај нас, вклучително и со нашите тур-оператори, ќе разговараме за воспоставување на оваа линија како редовна, со која ќе овозможиме нови поволности и најдобри солуции за нашите граѓани. Имаме и заинтересирана авиокомпанија за реализација на оваа авиолинија и очекувам таа да стане редовна од почетокот на месец март.“ изјави Бочварски денеска во Кочани.
Ова е дел од договорите и разговорите кои во последниот месец се интензивираа помеѓу Владите на Македонија и Бугарија, со цел развивање на економијата, туризмот и комуникациите меѓу двете земји.
