Бугарски пратеник рече дека Русија е агресор и ќе ја изгуби војната, по што го исфрлија од партијата
Пратеникот од БСП Јавор Божанков зборуваше против Русија, по што партијата веднаш го исклучи. Се договориле да гласаат против испраќањето на оружје за Украина, но Божанков се спротивставил.
Бугарската социјалистичка партија го исклучи пратеникот од својата пратеничка група поради неговиот различен став по прашањето за испраќање воена помош за Украина. Тој ја бранеше тезата дека Русија е агресор и дека нема да победи во оваа војна. Претседателката на партијата Корнелија Нинова изјави дека во нивната пратеничка група има луѓе со различни мислења, спомнувајќи го Божанков по име, но додаде дека се важни колективните политички одлуки. Пратеничката група го повика Божанков да го напушти парламентот и да го ослободи местото за следниот на листата. Доколку одбие да го направи тоа, ќе стане првиот независен пратеник во сегашното собрание.
