Бугарска фирма ги зеде под закуп складишта на бизнисменот Пецов, ама не доби лиценца за тргување
Бугарска фирма, основана лани во Бугарија, ги зеде под закуп складиштата за продажба на нафтени деривати на големо на бизнисменот Ангел Пецов.
ГП Петрол во јануари основал две подружници за трговија на горива на големо со едно складиште во Неготино на улица Индустриска и едно во Младо Нагоричане. Токму со закупот на складиштата на овие две локации е побарана лиценца од страна на Регулаторната комисија за енергетика за складирање на деривати.
Регулаторната комисија за енергетика на седница на 2 март донела одлука со која се одбива барањето на ГП Петрол поднесено на 22 декември 2025, затоа што фирмата немала точен имотен лист, записници за верификација на мерни системи, согласност од Дирекцијата за заштита и спасување, како и други документи и потребни договори.
Осумте помали складишта во Младо Нагоричане биле закупени на десет години, а исто така и двата од 52 метри кубни во Неготино биле закупени до 2035-та.. Сепак ова не било доволно да му се овозможи на ГП Петрол да тргува на големо со „сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт - трговија на големо со Екстра лесно (ЕЛ-1)“.
Инаку лиценцата за тргување со горива на големо од складишта на Тритерол Петрол, компанија во сопственост на Пецов, е одземена од април минатата година и со тоа тој не може да учествува во јавните набавки.
Обвинителство го товари првоосомничениот Пецов дека преку мрежа од 28 компании и фиктивни фактури го оштетиле државниот буџет за околу 8 милиони евра. Поголемиот дел од приведените даночни работници беа луѓе кои се наоѓаат на раководни позиции во секторите на УЈП. Љупчо Пецов, во јавноста познат под прекарот Ѓаволот, по речиси две години бегство од органите на прогонот во случајот „Синџир“, сам им се предаде на надлежните и наместо во затворски притвор, со одлука на Кривичниот суд Скопје е испратен во куќен притвор со 24-часовен полициски надзор, откако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја ублажи првичната мерка, повикувајќи се на влошена здравствена состојба и ризици по неговата лична безбедност. „Синџир“, е отворен кон крајот на 2023 година. Обвинителството тврди дека 26 лица и 28 компании создале шема за даночно затајување преку фиктивни ДДВ-фактури за набавки и услуги кои реално не постоеле, со што државниот буџет бил оштетен за околу осум милиони евра. Според приговорите и обвинителните акти, Љупчо Пецов е еден од организаторите на групата Постапката за Пецов беше прекината, бидејќи со месеци беше недостапен за органите на прогонот и за него беше распишана потерница. Парадоксално, во истиот период дел од медиумите објавуваа дека тој слободно се движи низ земјава, додека фирми поврзани со него добиваат државни тендери. Актуелниот случај не е прв судир на Ѓаволот со правосудниот систем. Неговото име се појавува уште во акцијата „Керозин“, во која обвинителството тврдеше дека преку фирмите „Алма“, „Ангел Петрол“ и „Алма транспорт“ се точело помало количество нафта за греење од она предвидено во договорите за јавни набавки за училишта и јавни институции. Тогашната штета за буџетот беше проценета на речиси три милиони евра Серијата скандали кулминираше со последната афера за наводниот поткуп на екс-државниот правобранител Фехми Стафа. Според Обвинителството, Стафа, кој во меѓувреме станал адвокат на Пецов, е осомничен дека примил 50.000 евра од сестрата на Ѓаволот за да влијае врз судија во Апелациониот суд Скопје и да издејствува укинување на притворот во „Синџир“.
А.К.
