Бугарите се нудат да го чуваат македонското небо
Бугарскиот портал „Вести“ пишува дека Бугарија може да ја преземе воздушната контрола над Македонија кога земјата ќе влезе во НАТО и ако Алијансата ѝ ја довери оваа задача на Софија. Друг бугарски портал, „Прес“, пак, наведува дека ова сценарио може да се случи единствено доколку официјална Софија набави нови повеќенаменски борбени авиони и доколку Македонија се согласи Бугарија да ја преземе безбедноста на нејзиното небо.
Како што информира порталот, ова може да стане реалност бидејќи Бугарија веќе неколку години врши радарско набљудување на воздушниот простор над Македонија по линија на воздушен оперативен центар на НАТО.
Стручната јавност во земјава е согласна дека решението што го прифати Црна Гора, како најнова членка на Алијансата да биде надлетувана од италијански и грчки ловци, е исклучително важно и за Македонија од повеќе аспекти, првенствено поради тоа што нашата држава на јулскиот самит за НАТО има реална шанса да добие покана да стане 30-та членка на сојузот.
