Бугарија се заканува со контрамерки доколку Холандија и Австрија не поддржат влез во Шенген
Бугарија најави контрамерки доколку Холандија и Австрија стават вето на нејзиниот пристап во Шенген, рече вршителот на должноста премиер Галаб Донев, додавајќи дека се надева дека „здравиот разум ќе надвладее“ во преостанатите денови до гласањето.
Донев не прецизираше какви мерки ќе воведе Бугарија, но рече дека „се надева оти нема да мора да го правиме тоа“.
Според неофицијални информации од Софија, доколку Холандија не го повлече приговорот, Бугарија ќе ја блокира кандидатурата на Ханс Лајтенс за шеф на Фронтекс, агенцијата за европска граница и крајбрежна стража, пренесува Еурактив.
Бугарските власти тврдат дека позициите на холандскиот премиер и на австриската канцеларка се диктирани од внатрешно-политички причини, а не од пропусти во примената на шенгенските правила од страна на Бугарија, што Донев ги оцени како „двојни стандарди“.
Бугарскиот министер за правда Крум Жарков за Еурактив изјави дека заканата на Бугарија е „многу реална“ и дека сака да предизвика реакција на ЕУ, додека министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев коментира дека Холандија „има смисла во правилата на ЕУ“.
„Главните забелешки на Холандија не се поврзани со заштитата на границите, туку со спроведувањето на механизмот за соработка и верификација, кој беше отфрлен за Бугарија во 2019 година, па Холандија очекува извештај што не може да го добие. Оваа позиција има смисла за правила на кои се заснова ЕУ“, рече Демерџиев.
Советот на ЕУ на 8 декември треба да гласа за прием на Бугарија, Романија и Хрватска во Шенген зоната, Холандија остро се спротивставува на приемот на Бугарија, додека Австрија против приемот на Бугарија и Романија.
