Бугарија апелира за дијалог меѓу политичките лидери во Македонија
Бугарија е загрижена за најновите случувања во земјава и оттаму се надеваат дека тензиите ќе стивнат.
Претседателот на Бугарија, Росен Плевналиев во телефонски разговор со претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов изразил загриженост за случувањата во Скопје. Тој го поддржува СЈО и вели дека граѓаните очекуваат правда. Според него лидерите на партиите треба да преговараат и да се запрат насилствата.
„Како добар сосед и во својство на претседател на Процесот за соработка на ЈИЕ Бугарија е подготвена да соработува за изнаоѓање на решение. Кога земјата е исправена пред тежок избор, протести и силни политички спротивставености, единственото решение е почитување на Уставот и обезбедување на правниот поредок во државата. Придржувањето кон овие принципи и помогна на нашата земја да ги надмине политичките кризи и да биде денес фактор на стабилност на Балканот“ - изјавил Плевналиев.
Според него решението е во дијалогот, во почитување на правилата, на принципот на владеење на правото и на Уставот. Бугарскиот премиер, Бојко Борисов изјави дека Македонија ќе биде дестабилизирана и тоа го поврза со мигрантската криза.
